„Какви и да ви се санкциите, не одолговлекувајте туку применете ги. Вие (САД) ни кажувате да го вратиме С-400. Ние не сме племенска држава, ние сме Турција“, кажа Ердоган.
Американските власти во петокот повторно предупредија дека односите со Турција, која е официјално американски сојузник во НАТО, ќе бидат сериозно загрозени поради неодамнешното турско тестирање на ракетниот систем С-400.
Стејт департментот соопшти дека тестирањето е „некомпатибилно со одговорноста на Турција како сојузничка во НАТО и стратегиски партнер на САД“.
САД ѝ се заканија на Турција дека ќе ѝ воведат санкции ако го активираат ракетниот систем.
Анкара договорот за купување на С-400 од Русија го потпиша во 2017 година, а првите батерии од системот беа испорачани во јули минатата година.