Додека новиот бран на коронавирусот продолжува да се шири низ целиот свет, најавата за уште една вакцина дава надеж дека следната година може да донесе подобри времиња. Компанијата Астра Зенека објави дека вакцината што ја произведе може да биде ефикасна 70 проценти, и тоа без несакани ефекти, дека наскоро ќе биде достапна и значително поевтина од другите.
„Значи, веруваме дека ова ќе биде најевтината вакцина. Исто така, успех е и таа да може да се произведе не во милиони, туку во стотици милиони дози. Тој број ќе порасне следната година, кога ќе произведеме три милијарди вакцини“, рече Адријан Хил, директор на Институтот на Универзитетот во Оксфорд.
Научниците исто така истакнуваат дека новата вакцина е исклучително лесна за чување и дистрибуција. Водечкиот американски експерт за заразни болести, Ентони Фаучи, изјави дека САД можат да го постигнат имунитетот на стадо во „разумно брз“ период, но само со помош на масовна вакцинација. Во САД, почетокот на вакцинацијата е најавен за 12 декември, бидејќи вакцината на Фајзер се очекува да биде одобрена за употреба на 10 декември.
Германија веќе следниот месец може да почне со вакцинирање на граѓаните против коронавирусот, но нема детали со чија вакцина.
„Вакцината е произведена и мора да биде дистрибуирана фер во сите 27 членки на Унијата. Германија и Франција инсистираат на тоа. Ние сме доволно силни за да можеме сами да потпишеме договори за набавки, но од солидарност со другите рековме дека ќе го сториме тоа заедно, што значи дека од секоја пратка дел од вакцините оди во сите земји-членки“, рече германскиот министер за здравство Јенс Шпан.
Додека не пристигне вакцината, владите на европските земји се борат против вирусот со забрани и зајакнување на здравствениот систем. Грчката армија денеска крена шатори пред воената болница во Солун, градот најпогоден од епидемијата на коронавирусот во таа земја.
Во Шпанија, која, како и соседна Франција, скоро еден месец е во целосен карантин, денес беше дозволено отворање на кафулињата и рестораните.