Властите ги затворија трите најпогодени плажи и рекоа дека воочиле многу мртви животни покриени со нафта во областа. Претставници на Министерството за надворешни работи го повикаа операторот Репсол да плати отштета.
„Ова е најлошата еколошка катастрофа што се случила околу Лима во последно време и која сериозно им наштети на стотици семејства на рибари. Репсол мора веднаш да ја надомести штетата“, напиша министерството на Твитер, пренесе Би-би-си.
Портпаролката на компанијата Тина Ван Ден Вол Бејк ја негираше одговорноста, велејќи дека излевањето се случило во ограничена област.
„Ние не ја предизвикавме оваа еколошка катастрофа и не можеме да кажеме кој е одговорен“, рече Ван Ден Вол Бејк во средата.
Но, премиерката Мирта Васкез подоцна им кажала на новинарите дека компанијата „очигледно“ немала план за справување со истекување на нафта во случај на непредвидени ситуации.
Обвинителите започнаа истрага за улогата на Репсол во инцидентот, а Министерството за животна средина предупреди дека компанијата може да плати казна од повеќе од 34,5 милиони долари.
Перуанскиот енергетски регулатор Осинергмин, пак, соопшти дека наредил затворање на еден од четирите терминали на рафинеријата додека не се утврдат причините за излевањето. Официјални лица велат дека истекувањето нанело штета на околу 18.000 квадратни километри заштитени подрачја населени со ретки растителни и животински видови. Во тек е чистење на околу три километри плажа.