Руската новинска агенција РИА, повикувајќи се на Министерството за одбрана, објави дека за време на обука за користење огнено оружје двајца вооружени напаѓачи во саботата отвориле оган кон група доброволци за војната во Украина. Самите „терористи“ биле застрелани, се вели во соопштението.
Инцидентот е најновиот удар за „специјалната воена операција“ на претседателот Владимир Путин во Украина и доаѓа една недела откако експлозија го оштети мостот што го поврзува копното на Русија со Крим, полуостровот што го анектираше од Украина во 2014 година.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека напаѓачите биле од поранешна советска република, без да наведе детали. Висок украински функционер Олексеј Арестович рече дека двајцата мажи биле од главно муслиманската, централноазиска република Таџикистан и отвориле оган врз другите по расправија за религијата.
Ројтерс не бил веднаш во можност да ги потврди коментарите на Арестович, истакнат коментатор на војната, ниту независно да ги потврди бројките на жртвите и другите детали.
„Како резултат на инцидентот на стрелиште во Белгородската област, 11 лица загинаа од прострелни рани, а уште 15 се повредени“, соопшти рускиот Истражен комитет, најавувајќи кривична истрага. Не даде други детали.