Дојче веле

Договорот меѓу Србија и Косово: зарем е важно кој кому му попуштил?

Белград и Приштина се договорија Србија да не им издава документ за влез/излез на сопствениците на косовски лични карти што патуваат низ Србија, а Косово нема да им го издава истиот документ на сопствениците на српски лични карти. Најважно за заедницата на косовските Срби: договорот предвидува дека тие можат слободно да патуваат меѓу Косово и Србија со своите лични карти. Договор за пререгистрација не е постигнат и има малку простор да се верува дека ќе се постигне.

Фото: ЕПА

Новиот договор ќе значи полесно патување низ Србија за косовските граѓани што имаат косовски документи. Досегашната практика на издавање влезен/излезен документ значеше дека на лицето што на преминот доаѓа со косовска лична карта му се печати хартија на која всушност се гледаат сите информации на косовската лична карта, но со српски печат. Патникот тогаш, со тој лист и косовската лична карта, го продолжуваше патувањето низ Србија, пишува Дојче веле.

Досегашните проблеми

Практиката доведе до големи гужви на премините, а многу Албанци ги сметаа дополнителните чекања како форма на понижување и избегнуваа да патуваат низ Србија секогаш кога можеа. Договорот може да значи и добра вест за косовските Срби, кои можат да добијат дополнителни гаранции за правото на користење на српските документи.

Веднаш по постигнувањето на договорот за слобода на движење во 2011 година, од косовската страна почна практиката на одземање на српските лични карти, што беше особено распространето меѓу заедницата на југот. Според толкувањето на косовската влада, станува збор за нелегални документи за чиј оптек во Косово не се преговарало со Србија. Договорот за слобода на движење, за тогашната шефица на косовскиот преговарачки тим, Едита Тахири, се однесуваше само на личните карти на граѓаните од централна Србија.

Иако запре одземањето документи, српските лични карти на граѓаните што живеат на Косово, главно косовски Срби, се сметаат за незаконски. Во декември 2015 година Тахири донесе одлука да ја забрани употребата на „лични карти на паралелни институции“ и неколку дена косовските Срби можеа да користат српски лични карти само на премините Јариње и Брњак на северот. Одлуката беше суспендирана, но практиката остана, мнозинството косовски Срби што немаат косовска лична карта нема да тргнат кон Мердар, дури и кога тоа е пократкиот пат до нивната дестинација.

Усна спогодба

Новиот договор би можел да ги спречи сличните обиди на косовската влада во иднина и да биде уште еден гарант на она што веќе е во косовскиот Закон за државјанство - правото на повеќекратно државјанство. Сепак, сѐ уште не е целосно јасно дали договорот е навистина нов и дали со него ќе се легализираат и српските лични карти на косовските Срби.

„Договорот е устен. Договорот е постигнат во 2011 година“, рече Вучиќ во неделата, откако високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност, Жозеп Борел, во видеопорака ја соопшти веста за договорот.

„Од аспект на меѓународното право, можни се усни договори што би биле обврзувачки“, објаснува за ДВ Милош Хрњаз, вонреден професор на Факултетот за политички науки во Белград. Тој, сепак, додава дека ваквите договори се многу ретки.

За новинарката на Н1 по потекло од Лепосавиќ, Сања Соврлиќ, неверојатно е тоа што по средбите во Брисел и посетата на високи претставници на ЕУ и Вашингтон, Борел преку современите средства за комуникација објави дека е постигнат договор.

„Се чини дека српскиот претседател и косовскиот премиер подобро се разбираат така отколку кога седат еден наспроти друг. Навистина е неверојатно што темата што предизвика толку тензии меѓу Белград и Приштина била договорена вербално и дека единствената гаранција од Европската Унија се неколку твитови, вклучително и оној со видеопорака, од шефот на европската дипломатија“, изјави таа за ДВ.

На Косово сè се врти околу симболите

Едно од толкувањата би можело да биде дека со усниот договор викендов е договорено како да се имплементира договореното во 2011 година, што е поткрепено со изјавата на Вучиќ дека нешто од договорот од 2011 година е исправено и дека утре тоа може да се смени.

Сепак, обврската на Косово да го почитува правото на косовските Срби да ги користат своите српски лични карти ќе биде значаен чекор напред во насока на почитување на правата на заедниците. Исто така, тоа би било во согласност со барањето на специјалниот претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

„Да бидеме реални. Тие луѓе на Косово имаат двојно државјанство. Тие се државјани на Косово и Србија. Во оваа смисла, нивното право мора да биде заштитено од двете страни“, рече Ескобар во интервју за Н1.

Сепак, дури и за српската јавност на Косово, тие потенцијални аспекти на договорот се засенети од она што нашироко се смета како попуштање на Вучиќ пред барањата на Курти, триумф на принципот на реципроцитет и предавство на српските национални интереси.

„Последниот договор за слобода на движењето покажа колку сè за Косово се врти околу симболите“, вели Соврлиќ. „Јавноста во Србија одново дознава, а потоа многу брзо заборава дека на Косово функционира друг уставно-правен поредок, без разлика дали некој го признава или не. Најавата за реципроцитет повторно ја наметна темата за слободата на движењето и го забрза преговарачкиот процес. Граѓаните на Косово добија можност да патуваат во Србија без дополнителен документ, што претходно не беше така, но во овој процес Србија го наметна и прашањето за српските документи издадени од полициските управи преместени од Косово, кои Косово ги третираше дискриминаторски во последните години“, вели Соврлиќ за ДВ.

Градење доверба

Наместо документ за влез/излез, Србија отсега ќе прикажува известување дека ги прифаќа косовските лични карти само од практични причини и дека тоа не претставува признавање на Косово. Чинот е „де факто признавање на Косово“, заклучуваат многумина и во косовската јавност.

„Договорот би можел да се претстави како градење доверба и нешто што може да влијае на животот на граѓаните во иднина, без оглед на различните ставови за статусот на Косово. Меѓутоа, во Косово и во централна Србија се негува духот на популистичкиот начин на комуникација. Затоа на јавноста што постојано се загрева за конфликт и се антагонизира кон Албанците/Србите, тешко е да ѝ се соопшти дека е сосема во ред, без оглед на различните реалности и политички ставови кон некое прашање, дека луѓето слободно се движат со оние документи што ги поседуваат“, заклучува новинарката Сања Соврлиќ.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе

Ех какво време дојде, да се стремиме кон нула. Уште повеќе, да постигнеме нула.

повеќе

Како да ги зачуваме националните и креативни наследства со помош на вештачката интелигенција?

повеќе