Тие оценија дека Вучиќ ја даде заклетвата пред пратениците на стариот состав бидејќи „не смеел да се соочи“ со новоизбраните пратеници меѓу кои има и претставници на опозицијата.
„Ова не е собрание туку фарса, ова е Главниот одбор на Српската напредна партија со нивните сателити“, кажа функционерот на Демократската партија Срѓан Миливојевиќ.
Потпретседателот на Народната партија Мирослав Алексиќ кажа дека „за првпат во историјата“ на Србија претседателот дава заклетва пред распуштен состав на парламентот кој според него е нелегитимен бидејќи опозицијата ги бојкотираше изборите во 2020 година.
„Србија гори од бројните проблеми кои ги има, а Александар Вучиќ се чешла, се однесува деспотски и ги уништува сите институции. Ни следува страшна економска криза и галопирачка инфлација, прашање е дали граѓаните ќе имаат струја оваа зима, имаме проблеми со снабдувањето со храна, што е сосема неверојатно, имаме и надворешнополитички проблеми, но Вучиќ одлучил сам да владее“, кажа Алексиќ.
Тој оцени дека Вучиќ „ќе продолжи деспотски да владее со Србија, како во претходните 10 години, откако СНС е на власт“.
„На Вучиќ не му се потребни парламент, влада, министри, градоначалници и директори на јавните претпријатија, но ќе дојде моментот кога ќе биде подвлечена линија и кога ќе одговара оној кој е најодговорен за она што се случува во Србија“, кажа потпретседателот на српската Народна партија.
„Вучиќ нема власт каква што сака“, кажа Радомир Лазовиќ од движењето Да не го давиме Белград.