Двете земји го дадоа своето ветување на разговорите за климата (КОП27) во египетскиот град Шарм ел Шеик. Така Франција и Шпанија се најдоа во групата нови потписници на Декларацијата за возила со нулта емисија (ЗЕВД), лансирана на минатогодишната конференција во Глазгов.
Потписниците - меѓу кои се држави, локални заедници и компании - се обврзаа на 100 проценти продажба на возила со нулта емисија до 2035 година на водечките пазари и до 2040 година во светот.
Вкупниот број на потписници на декларацијата сега е 214, наспроти 130 една година порано. Во иднина, ЗЕВД ќе биде надгледуван од нова групација, Коалицијата за забрзување до нула, чија цел е да им помогне на потписниците да ги спроведат своите обврски.
Креаторите на политиката сакаат да ги намалат или елиминираат емисиите на стакленички гасови од автомобилите, камионите и другите форми на транспорт. Воздухопловството и поморскиот транспорт потешко е да се декарбонизираат, но технологијата со ниски емисии за помали возила е добро воспоставена и брзо се шири.
Податоците објавени од Блумберг покажуваат дека 2022 година ќе биде рекордна за продажба на возила со нулта емисија, а електричните возила ќе чинат 13,2 отсто од вкупната продажба во првата половина од годината.