Викендов протече телефонска снимка, прво објавена од Вашингтон пост, што открива дека американскиот претседател го молел високиот изборен претставник на Џорџија, републиканецот Бред Рафенспергер, да ги смени резултатите од третоноемвриските избори во таа држава, тврдејќи дека сè што треба да стори е „да се најдат 11.780 гласа“.
Во писмо до директорот на ФБИ Кристофер Вреј, демократот од Калифорнија Тед Лу и демократката од Њујорк Кетлин Рајс, тврдат дека „доказите за изборната измама на г. Трамп се јасно видливи“.
„Како членови на Конгресот и поранешни обвинители, веруваме дека Доналд Трамп соучествувал во наговарање или заговор за извршување голем број изборни злосторства. Ве молиме веднаш да покренете кривична истрага против претседателот", напишаа Лу и Рајс.
Во понеделникот највисокиот изборен претставник на Џорџија, Габриел Стерлинг, ги повика луѓето да гласаат во вториот круг на изборите за Сенатот во државата и разоткри многу теории на заговор за гласањето што Трамп и неговите приврзаници ги промовираа во Џорџија.
Два месеци по претседателските избори во САД, Трамп одбива да признае дека ги изгубил изборите од новоизбраниот претседател Џо Бајден.
Сојузниците на Трамп, пак, поднесоа десетици тужби за поништување на изборните резултати во клучните колебливи држави. Скоро сите тужби беа отфрлени поради недостиг од докази.
Предвидено е Конгресот да се состане в среда за да ја потврди изборната победа на Бајден пред претседателската инаугурација на 20 јануари.