Министерот за правда на Бугарија Данаил Кирилов поднесе оставка минатата недела по острите критики на јавноста на сметка на контроверзниот предлог за нов устав, на кој е еден од авторите.
Парламентот на Бугарија вчера за министерка за правда ја избра неговата заменичка Десислава Ахладова.
Граѓаните на Бугарија вчера се собраа на уште еден антивладин протест. Нивните главни барања во изминатите недели се оставки на Борисов и главниот обвинител Иван Гешев.
На демонстрациите во вторникот дојде до судири на полицијата и демонстрантите, со повреди и апсења на повеќе десетици луѓе.
Владејачката партија од десниот центар ГЕРБ на Борисов објави вчера дека тој нема да поднесе оставка по насилните протести.
Демонстрантите ја обвинуваат власта за поврзаност со мафијата, толерирање на корупцијата и задушување на слободата на говорот.
Борисов е премиер од 2009 година со кратки прекини, а третиот мандат на чело на владата му истекува во март.