„Мислам дека е добро да разговараме и мислам дека ова е дијалог и веројатно сум единствената личност дискриминирана од двете заедници и прва политичарка во оваа земја и регионот која не се исплаши и не ми е срам да бидам ЛГБТ. Ова е мојата борба“, кажа српската премиерка.
Активистите во салата на конференцијата извикуваа „Прајд е протест“, „Ги сакаме нашите човекови права“, „Сакаме Прајд“ и ја свиркаа премиерката. Таа им порача да престанат да критикуваат.
„Давам сè од себе, јас ја зголемив видливоста на заедницата и барем едно лице да се чувствува подобро. Јас ги поместувам границите барем за еден метар, направете го и вие истото и на сите ќе им биде подобро, престанете да критикувате. Јас себеси не си дадов ниедно друго право од оние што вие ги имате и се сложувам дека тоа не се многу права. Јас не се венчав. Не можам да се венчам, живеам во нерегистрирано партнерство, не можам да посвојам дете“, кажа Брнабиќ.
На повиците на активистите „Шетаме во сабота“, Брнабиќ одговори: „Никој не може да ве спречи да шетате, тоа е основно човечко право“.
„Немаше да бидеме денес тука да не го потпишав писмото за поддршка. Вие немаше да имате Прајд како што имате од 2014, од времето кога партијата на која ѝ припаѓам го обезбеди тоа во Белград и Србија. Ние тука ги поместуваме границите и ова е првиот Европрајд во југоисточна Европа“, кажа Брнабиќ.
Активистите ѝ замерија на премиерката дека „нејзината полиција го забрани Прајд“. „Морам да ви кажам искрено, јас сум задоволно бидејќи Белград е избран за да разговараме за овие проблеми“, кажа Брнабиќ. На коментарите од салата дека државата попуштила пред насилниците од екстремно десните организации, Брнабиќ кажа: „Тоа допрва ќе го видиме“.
Марко Михаиловиќ од организацијата Европрајд кажа дека е интересно што Брнабиќ решила да ја отвори конференцијата за човекови права истиот ден кога Прајдот бил забранет.
„За време на нејзиното владеење, на почетокот и додека беше министерка, имавме надеж дека ќе имаме сојузничка која ќе го забрза решавањето на проблемите на нашата заедница и ќе покаже политичка волја за тоа. Тоа не се случи. По веста за забраната на прошетката чувството е ужасно, посрамено и исплашено. Ние секогаш сме имале проблем со нетолеранцијата, но волку несанкционирана омраза, волку зло, волку луди изјави на функционери против нас е страшно“, кажа Михаиловиќ.