Бразилскиот претседател: Престанете да цимолите за короната

Жаир Болсонаро, претседателот на Бразил, им порача на Бразилците да престанат да цимолат поради короната и ги критикуваше мерките, и покрај големиот број новозаразени и починати.

Фото: ЕПА

Вчера во Бразил беше забележано рекордно зголемување на смртноста за 24 часа. Бразил се соочува со најтешката фаза на пандемијата до сега, а болничкиот систем е во голема криза.

Некои градови и држави имаат сопствени мерки.

Министерот за здравство рече дека повеќе од 260.000 луѓе починале досега од коронавирусот, што е втора најголема бројка во светот по САД.

Уште 1.699 лица починаа во четвртокот, мал пад од средата, кога починаа 1.910 лица. Во исто време, пријавени се нови 75.102 нови случаи. Ова е втор најголем дневен раст на бројот на новоинфицирани лица од почетокот на пандемијата.

Огромниот раст на новите случаи Бразилците го припишуваат на ширењето на нова, позаразна варијанта на вирусот, за која се верува дека потекнува од амазонскиот град Манаус.

Но бразилскиот претседател Болсонаро сепак ја минимизира сериозноста на коронавирусот.

„Престанете да цимолите. Уште колку ќе лелекате поради короната?“, рече тој на еден настан и додаде:

„Колку долго ќе седите дома и ќе живеете во затворено? Никој повеќе не може да го издржи тоа. Жал ни е за умрените, но повторувам, ни треба решение за ова“.

Жоао Дорија, гувернерот на Сао Паоло, во интервју за Би-би-си го нарече Болсонаро „лудак“ поради нападите врз гувернерите и градоначалниците што сакаат да купат вакцина и да ѝ помогнат на државата во борбата против пандемијата.

„Како можеме да му се спротивставиме на проблемот додека гледаме како луѓето умираат секој ден? Здравствениот систем во Бразил е пред колапс“, рече тој.

Од воведувањето на карантинот, Болсонаро се противи на одлуките на гувернерите, тврдејќи дека колатералната штета на економијата ќе биде полоша од влијанието на самиот вирус врз општеството.

„За жал, Бразил мора да се бори, во овој момент, против два вируси: коронавирусот и вирусот Болсонаро. Тоа е жално за Бразилците“, додаде Дорија.

Загрижени поради појавата на нов сој во болниците, градоначалниците и државните гувернери последните денови ги презедоа работите во свои раце. Рио де Жанеиро е последниот град од низата што воведоа делумна блокада. Воведени се мерки за баровите, рестораните и плажите.

Тие стапуваат во сила в петок и ќе траат една недела. Баровите и рестораните ќе бидат отворени пократко време, а и продажните активности на познатите бразилски плажи ќе бидат ускратени.

Мерките се воведуваат откако Сао Паоло, најголемата држава во Бразил, со 46 милиони луѓе, прогласи вонредна состојба, со наредба да се затворат сите несуштински продавници за две недели, почнувајќи од саботата.

Гувернерите разочарани од Болсонаро во четвртокот објавија дека ќе ги здружат силите во купувањето вакцини директно од производителите наместо да чекаат да ги испорача федералната влада.

Бразил, како најтешко погодена земја во пандемијата и низ цела Латинска Америка, заостанува со воведувањето вакцини.

Што се знае за бразилскиот сој?

Научниците од Универзитетот Сао Паоло во соработка со колегите од Империјал колеџ во Лондон и Универзитетот Оксфорд сметаат дека вториот бран на пандемијата е поврзан со појавата на нова варијанта на коронавирусот за која се верува дека потекнува од градот Манаус.

Новата варијанта, наречена П.1, за прв пат беше откриена кај луѓе што патуваа од Манаус во Јапонија во јануари. Научниците сега го испитуваат вистинското потекло на новиот сој.

Според прелиминарните податоци, новиот сој П.1 може да биде двојно позаразен од оригиналниот сој на вирусот. Тие додаваат дека новиот сој полесно може да го заобиколи имунитетот стекнат со инфекција со оригиналниот сој. Научниците велат дека веројатноста за повторна инфекција варира помеѓу 25 и 60 проценти.

Манаус, град во регионот Амазон, беше еден од најпогодените градови во првиот бран на пандемијата. Една студија спроведена на дарители на крв вели дека три четвртини од градот се заразиле со ковид уште во октомври.

Од овие луѓе се очекуваше да добијат одреден степен на заштита или имунитет, но и покрај тоа, Манаус беше погоден од втор бран на пандемијата. Научниците сметаат дека ова се должи на новиот сој на вирусот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе