Братот на Ким Џонг Ун: талентиран музичар што мрази оружје и сака сите да бидат среќни (ВИДЕО)

Ким Џонг Чул не личи на својот помлад брат, севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун. Чул е талентиран музичар и голем обожавател на Ерик Клептон, наводно има почит од својот моќен помлад брат, но не го интересира политиката.

Фото: ЕПА

Кога во август се шпекулираше дека Ким Џонг Ун можеби е во кома или мртов бидејќи долго време не беше виден во јавноста, фокусот беше свртен кон помладата сестра на деспотот, Ким Јо Џонг, која веќе има активна улога во Работничката партија, и кон Ким Џонг Чул, неговиот единствен преживеан брат.

Но и покрај тоа што Ким Џонг Чул е постар брат (се верува дека има околу 39 години), тој никогаш не бил сметан за потенцијален лидер на земјата.

Се верува дека Ким Џонг Чул е роден во 1981 година. Неговата мајка починала во 2004 година.

Ким Џонг Чул во 1998

Од февруари 2003 година тој беше сѐ поприсутен во медиумите, а Народната армија почна пропагандна кампања во која го величеше. Во 2007 година беше назначен за заменик-шеф на раководството на Работничката партија на Кореја.

Сепак, Ким Џонг Чул не се занимава со политика, туку води мирен живот во Пјонгјанг, каде што свири гитара во бенд, вели еден поранешен севернокорејски функционер.

Д-р Леонид Петров, кој важи за еден од водечките светски експерти за Северна Кореја, во 2017 година изјави дека Ким Џонг Чул е аполитичен и дека „повеќе е заинтересиран за поп музиката и концертите отколку за водење на партијата“.

Ким Џонг Ил „имаше проблем со женственоста“ на својот постар син, за кој наводно велел дека има мека личност, истакнува експертот.

„Постојат и гласини дека Ким Џонг Чул земал хормони за да се однесува помажествено“, рече Петров.

Ким Џонг Чул е најпознат по љубовта кон Ерик Клептон. Во 2011 година, еден јужнокорејски функционер изјави дека тој бил виден на концертот на Клептон во Сингапур, а во 2006 година, тој наводно го придружувал уметникот на турнеја низ Германија, гледајќи настапи во четири различни града, пишува Вашингтон пост.

Кога бил забележан во Лондон во 2015 година, повеќе личел на К-поп ѕвезда отколку на брат на севернокорејскиот лидер - носел црна кожна јакна и очила за сонце. Кога бил виден во Сингапур, наводно носел обетки на ушите.

Во 2017 година, Тае Јонг Хо, поранешен заменик-амбасадор на Северна Кореја во Лондон, зборуваше за Ројтерс за патувањето на Ким Џонг Чул во Лондон, каде што Тае работел пред да побегне во Јужна Кореја во 2016 година.

„Многу е слободен, го интересираат гитарите и музиката“, рече тој.

Истакнува дека е вешт гитарист и дека поминал дури 30 минути свирејќи во една продавница на лондонски Вест Енд, пред да ја купи гитарата што ја барал.

„Продавачите во тие продавници беа воодушевени од неговиот талент“, се сеќава Тае.

Сака идеален свет без војна

Наводно, Ким Џонг Чул имал 15 години кога под псевдоним го опишал светот во кој сака да живее, што е далеку од тоа како неговиот брат го гледа светот.

„Кога би имал мој идеален свет, не би дозволил оружје и атомски бомби. Би ги уништил сите терористи со холивудската ѕвезда Жан-Клод ван Дам. Би ги натерал луѓето да престанат да се дрогираат. Дури би го уништил зборот 'дрога' за да ги натерам луѓето да заборават на тоа. Би ги натерал сите да добијат добри работни места“, напишал младиот Ким Џонг Чул под псевдонимот Чол Пак.

„Сите би биле среќни: нема повеќе војна, нема повеќе умирање, нема повеќе плачење. Тогаш би вовел правило - Не верувај во Господ. Господ не помага и нема Господ. Би ги натерал луѓето да веруваат во себе, а тие би работеле напорно за својата среќа и успех што ги чека во иднина. Би го натерал целиот свет да користи само еден јазик, кој би бил корејскиот, и би ги натерал сите луѓе да имаат иста сума пари: нема богати, нема сиромашни. Само во мојот идеален свет луѓето можат да имаат слобода и да живеат многу среќно“, наводно напишал Ким Џонг Чул како тинејџер, пренесе Њујорк пост.

Односот помеѓу Ким Џонг Ун и Ким Џонг Чул

Но и покрај тоа што нема интерес за политика, се верува дека Ким Џонг Чул има добри односи со својот помлад брат. Пред Ким Џонг Ун да се сретне со поранешниот американски претседател Доналд Трамп, тој наводно се консултирал со својот постар брат.

„Фактот дека Ким Џонг Ун разговара со него може да се толкува како израз на почит кон неговиот постар брат“, велат изворите.

Аналитичарите што внимателно ја следат Северна Кореја, исто така, изјавија за Ал Џезира дека Ким Џонг Чул ги одржува врските со своите браќа и сестри.

Најстариот брат на Ким побегнал во Дизниленд и бил убиен

Ким Џонг Ун, инаку, не бил првиот избор за голем водач на Северна Кореја по смртта на Ким Џонг Ил. Првично, тоа требало да биде најстариот брат Ким Џонг Нам, но не ја добил таа позиција поради еден скандал.

Имено, Ким Џонг Нам бил фатен како се обидува да влезе во Токио со лажен пасош, за да го посети Дизниленд, пренесува Њујорк пост. Тој бил задржан на аеродромот, а потоа депортиран во Кина. Инцидентот го посрамил неговиот моќен татко Ким Џонг Ил и го принудил да ја откаже планираната посета на Кина.

Пет години откако Ким Џонг Ун ја презеде власта, во 2017 година Ким Џонг Нам беше убиен на аеродром во Куала Лумпур со нервен агенс.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе