Притисокот врз премиерот се зголеми кога еден конзервативен пратеник ѝ се приклучи на ривалската Лабуристичка партија, најголемата опозициска партија, и кога поранешниот член на владата на Џонсон Дејвид Дејвис остро му порача на поранешниот шеф дека треба да поднесе оставка.
Дејвис, поранешниот министер за брегзит, побара од Џонсон да поднесе оставка за време на пратенички прашања до премиерот во долниот дом на парламентот, каде што Џонсон ги бранеше резултатите на својата влада во економијата и во борбата против криминалот и пандемијата на коронавирусот.
Новиот лабуристички пратеник Кристијан Вејкфорд го обвини својот досегашен шеф Џонсон дека не е способен да предводи влада каква што земјата заслужува.
Џонсон се обиде да ги избегне прашањата за скандалот што му ја загрозува кариерата, а е во врска со неговото присуство на владини забави за време на најстрогите мерки против коронавирусот. Конзервативните пратеници размислуваат дали да покренат гласање недоверба на Џонсон, кој пред само две години ја доведе партијата до најубедливата изборна победа последниве 40 години.
Правилата на Конзервативната партија предвидуваат гласање за доверба на лидерот на партијата да може да се иницира доколку такво барање потпишат 15 отсто од нејзините пратеници во Долниот дом, односно 54 од нив.
Досега само неколку конзервативни пратеници отворено повикаа Џонсон да поднесе оставка, но се верува дека повеќе од десетина од нив потпишале писмо во кое бараат гласање за доверба.
Пратеникот Ендрју Бриџен, кој е против Џонсон, изрази очекување дека во текот на неделата ќе бидат потпишани 54 вакви писма, по што во рок од неколку дена би можело да се гласа за доверба на Џонсон.
Доколку Џонсон го загуби гласањето за недоверба, за што би се изјаснувале 359 конзервативни пратеници, тој повеќе нема да биде на чело на партијата. Би следувала трка на кандидати за нов лидер на партијата, а победникот автоматски ќе стане нов премиер.
Доколку мнозинството конзервативни пратеници го поддржат Џонсон, ново гласање за доверба нема да може да се одржи во следната година.