„Настојувањата на Аљбин Курти на Косово и Метохија целосно да го забрани одржувањето на претстојните парламентарни и претседателски избори на 3 април и со тоа на Србите да им ги укине основните човекови и граѓански права, ќе доведе до несогледливи последици по нормализацијата на односите на Белград и Приштина“, порача директорот на Канцеларијата за КиМ.
Наведе дека таквото сценарио на Курти би ги поништило остварените придвижувања во дијалогот на Белград и Приштина со години наназад и за тоа треба да бидат свесни сите меѓународни претставници кои дејствуваат на просторот на Косово.
„Очигледна е деструктивната намера на Курти да ги поништи и згази сите досега постигнати договори, но прашањето е дали меѓународната заедница повторно мирно ќе гледа како албанските политичари си играат со нормализацијата на односите или овој пат ќе преминат од зборови и соопштенија на конкретни дела“, порача Петковиќ.
Србите на Косово очекуваат да им биде овозможено да го остварат своето гласачко право на 3 април, на идентичен начин како за време на сите изборни процеси досега.
„Затоа овие избори се последната шанса и тест за меѓународната заедница која има апсолутна одговорност и обврска да обезбеди спроведување и почитување на демократските текови и принципи и на српскиот народ на Косово и Метохија да му овозможи да го искористи своето гласачко право“, се наведува во соопштението.