Американскиот претседател Џо Бајден рече дека по руската офанзива во Украина е соочен со две опции: да почне трета светска војна или да ја погоди Русија со економски санкции. Во интервју објавено во саботата, Бајден вели дека Москва ќе плати „сериозна цена“ за својата воена операција.
„Знаете, имате две опции: да почнете трета светска војна – да влезете во физичка војна со Русија, или второ: да се погрижите земјата што дејствува толку спротивно на меѓународното право да плати цена за тоа што го направила“, рече Бајден вчера во поткаст на актерот и водител Брајан Тајлер Коен во интервју објавено на интернет.
„А не постојат санкции што веднаш ќе дадат плод, не дека можете некого да санкционирате велејќи му нема да може повеќе да бидеш претседател на Русија, но мислам дека овие санкции, знам дека овие санкции се најшироките санкции во историјата. И економски санкции и политички санкции.“
„Мојата цел од самиот почеток беше да се погрижам да го задржам целото НАТО и Европската Унија на иста страна. Затоа што единственото нешто што верувам дека Путин мислеше дека може да го направи е да го подели НАТО, создавајќи голем процеп низ кој ќе може да влезе. А тоа не се случи. Тој постигнува сосема спротивен ефект од она што го планирал“, рече Бајден за Путин.
Два дена претходно, Бајден воведе санкции за повеќе руски банки, неколку поединци и увоз на технологија од Русија. Во петокот Белата куќа објави дека ќе следуваат уште една тура санкции насочени кон рускиот претседател Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и членовите на Советот за безбедност на Русија.
Бајден досега инсистира дека САД нема да интервенираат воено во конфликтот меѓу Русија и Украина.
Непосредно пред да почне руската офанзива, Путин предупреди дека секоја друга земја што ќе се вмеша во неговиот напредок во Украина „ќе се соочи со последици поголеми од сите што сте ги виделе во историјата“.