Тој рече дека Москва ќе сноси одговорност доколку, како што наведе, „ја нападне Украина“, пренесува АП.
„Претпоставувам дека Путин ќе тргне кон Украина“, рече американскиот претседател, додавајќи дека целосната инвазија на таа земја, сепак, ќе предизвика одговор што скапо ќе ја чини Русија и нејзината економија.
Бајден изјави дека верува оти Русија подготвува акција во Украина, иако смета дека Путин сѐ уште не донел конечна одлука.
Американскиот лидер навести дека ќе го ограничи пристапот на Русија до меѓународниот банкарски систем доколку таа ја нападне Украина.
Зборувајќи за пандемијата, тој рече дека е свесен дека Американците се фрустрирани од целата ситуација и нејзините последици врз економијата.
„По речиси две години физички, емоционални и психолошки последици од оваа пандемија, за многумина од нас тоа беше премногу за поднесување“, рече Бајден.
„Некои луѓе може да го наречат она што се случува сега ‘нова нормалност’, но јас го нарекувам работа што сè уште не е завршена. „Работите ќе се подобрат“, рече тој.
Бајден посочи дека САД ќе истраат во напорите поврзани со вакцинацијата против коронавирусот, бидејќи се покажало дека таа практика функционира.
Бајден додаде дека Соединетите Држави нема да се вратат на карантини и затворање училишта и дека новиот сој омикрон не е причина за паника.