Австралискиот премиер одби јавно да интервенира за Асанж

Австралискиот премиер Ентони Албаниз денеска ги отфрли повиците јавно да побара од САД да се откажат од гонењето на основачот на Викиликс и австралиски државјанин Џулијан Асанж.

Фото: ЕПА

Австралиската влада е под зголемен притисок да интервенира во случајот откако минатата недела британската влада нареди екстрадиција на Асанж во Соединетите Држави за да одговара за наводите за шпионажа. Застапниците на Асанж и неговите адвокати велат дека неговите постапки се заштитени со американскиот Устав и со прописите за слободата на медиумите.

Албаниз, кој дојде на власт на изборите пред еден месец, одби да каже дали за тој случај разговарал со претседателот на САД Џозеф Бајден.

„Некои луѓе мислат дека ако ги напишеш работите со големи букви на Твитер и ставиш извичник, тие некако стануваат поважни. Не стануваат“, им рече Албаниз на новинарите.

„Планирам да водам влада што кон своите партнери се однесува дипломатски и соодветно“, додаде австралискиот премиер.

Британската министерка за внатрешни работи Прити Пател минатата недела потпиша наредба за екстрадиција по одлуката на британскиот суд во април дека Асанж би можел да биде испратен во Соединетите Држави, кои бараат од него да одговара за обвиненијата за шпионажа.

Тој може да добие до 175 години затвор поради објавување на повеќе од 700.000 доверливи документи од 2010 година за американските воени и дипломатски активности, особено во Ирак и Авганистан.

Асанж (50) се наоѓа во лондонскиот затвор Белмарш од 2019 година, кога беше уапсен поради кршење на условниот отпуст во посебен правен случај. Пред тоа помина седум години во амбасадата на Еквадор во Лондон.

Австралискиот јавен обвинител Марк Драјфус и министерката за надворешни работи Пени Вонг одговорија на одлуката на британскиот суд, наведувајќи дека случајот Асанж трае предолго и треба да биде завршен.

Тие порачаа дека тој став ќе продолжат да го искажуваат пред владите на Британија и САД, но во заедничката изјава не отидоа дотаму отворено да ги повикаат САД да се откажат од случајот.

Американските обвинители рекоа дека Асанж ѝ помогнал на американската воена разузнавачка аналитичарка Челзи Менинг да украде тајни дипломатски пораки и воени документи што подоцна ги објави Викиликс, ставајќи многу животи во опасност.

Адвокатите на Асанж ќе се жалат на одлуката на британската влада за екстрадиција, што би можело да ја одолжува постапката со месеци, а можеби и со години, наведува АП.

Сопругата на Асанж, Стела Асанж, изјави дека нејзиниот сопруг се гони за откривање воени злосторства и злоупотреба на власта.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе