Астра зенека може да штити подобро од другите вакцини

Веќе една доза од вакцината против ковид-19 во Шкотска го намалила бројот на хоспитализации за повеќе од 85%, според првите податоци од студијата за влијанието на британската програма за вакцинација.

EPA-EFE/TOMS KALNINS

Според прелиминарната студија објавена во престижниот Британски медицински журнал (БМЏ), спроведена од научници од шкотски универзитети и Јавното здравство на Шкотска, првата доза на вакцината на Фајзер го намалила бројот на хоспитализации за 85%, а на Оксфорд-Астра зенека за 94%.

Податоците за ефектот на вакцината биле собрани во период од 8 декември до 15 февруари. Во овој период биле администрирани 1,14 милиони дози на вакцина, така што 21% од шкотското население ја примило првата доза. Околу 650.000 луѓе ја примиле вакцината Фајзер и околу 490.000 вакцината Оксфорд-Астра зенека.

Двете вакцини биле користени за вакцинирање на постарата популација и заедно, кога се комбинирани нивните резултати, меѓу луѓе на возраст од 80 години и повеќе - оние со најголем ризик поради поодминати години - го намалиле ризикот од хоспитализација за 81% во четвртата недела.

„Одлична вест е дека програмата за испорака на вакцини во сегашниот формат делува“, рече др. Џози Мареј од шкотскиот Завод за јавно здравје, која учествувала во студијата, позната како проект ЕАВЕ-II.

„Друга фантастична вест е дека ние потенцијално ги штитиме болниците од преоптоварување со заболени од ковид-19“, додаде таа.

Вакцината Оксфорд-Астра зенека се чини дека има многу добри резултати кај постарите лица. Во студијата, само две лица вакцинирани со неа биле хоспитализирани. Имаше повеќе хоспитализации меѓу вакцинираните со вакцината Фајзер, но со неа биле вакцинирани и повеќе луѓе.

Многу добрите резултати на оксфордската вакцина може да предизвикаат преиспитување на политиката за вакцинација во оние земји кои одлучија да не дозволат нејзино користење кај лица над 65 години поради недостаток на податоци од клиничките испитувања.

На прашањето дали резултатите покажале дека вакцината Оксфорд-Астра зенека е ефикасна кај постарите возрасни групи и покрај недостатокот на податоци од клиничките испитувања, односно дали ја поддржуваат одлуката на британската и европската регулаторна агенција за лекови да ја одобри за сите возрасни групи, главниот истражувач Азиз Шеик, директор на Институтот Ашер на Универзитетот во Единбург, рече дека резултатите во постарите возрасни групи се „многу охрабрувачки“.

Но, тој додаде: „Досега, сè уште немавме доволно силни статистички податоци за да направиме слоевита анализа на возраста“.

На прашањето дали земјите како Германија, кои ја ограничија употребата на Оксфорд-Астра зенека на помлади возрасни групи, треба да ги преиспитаат своите политики во светло на новите податоци од студијата, Џим Мекменамин, директор за ковид-19 во Јавното здравство на Шкотска, рече:

„Сè што можеме да сториме е да ја претставиме науката. На меѓународната заедница е тоа да го смета како дел од податоците што им се достапни“.

Тој додаде дека студијата анализирала само хоспитализации и дека треба да се земат предвид и други резултати, како што се прием на интензивна нега како и тешка болест и смрт надвор од болниците, вклучително и во домовите за стари лица.

Двете вакцини се даваат во единечни дози во интервал до 12 недели. Студијата покажа одредено зголемување на бројот на приеми во болница кај луѓето кои добиле една доза вакцина Фајзер по 21 ден. Но, бројките биле многу мали, па постоела неизвесност за нивното статистичко значење.

„Посебно не го испитавме падот на имунитетот“, рече проф. Крис Робертсон од Универзитетот во Стратклајд.

Тој додаде дека собраните податоци се во согласност со релативно постојаната заштита од околу 70% што вакцинацијата ја обезбедува во оваа фаза, но истакна дека за да се анализира евентуалниот пад на имунитетот ќе биде потребно да помине повеќе време.

Раководителот на истражувањето проф. Азиз Шеик рече дека овие резултати се многу охрабрувачки и даваат силни причини да бидеме оптимистични во поглед на иднината.

„Сега имаме национални докази - во целата земја - дека вакцинацијата обезбедува заштита од хоспитализација кај лица заболени со ковид-19“, рече тој, додавајќи:

„Давањето на првата доза вакцина сега треба да се забрза на глобално ниво за да се помогне во надминувањето на оваа страшна болест“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE/TOMS KALNINS

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе