Асошиејтед прес: Сателит откри нуклеарна тајна на Израел (ВИДЕО)

Во таен нуклеарен објект на југот на Израел почнала изградба по повеќе децении, покажуваат сателитски фотографии кои ги анализирала агенцијата Асошиејтед прес.

Screenshot: Youtube

Како што е наведено, во тек е ископување на површина со големина на фудбалски стадион и голема длабочина, само неколку метри од стариот Нуклеарен истражувачки центар Негев, кој го носи името на поранешниот претседател на Израел Шимон Перес, во близина на градот Димона.

Во објектот има со децении стари лаборатории, а што сега се гради не е јасно. Израелската влада не одговорила на прашањата на Асошиејтед прес за работите.

Израел не признава, но и не негира дека поседува нуклеарно оружје и е една од четирите земји кои не се придружиле на Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Фотографиите се објавени во време кога премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху остро ја критикува иранската нуклеарна програма која ја надгледуваат инспектори на ОН, за разлика од израелската.

Тоа ги поттикна експертите повторно да го повикаат Израел јавно да ги објави деталите на својата програма.

Еврејската држава со помош на Франција тајно почна да гради нуклеарен објект кон крајот на педесеттите години во пустината крај Димона, 90 километри јужно од Ерусалим, а со години ја криеше воената цел на објектот, тврдејќи дури дека е фабрика за текстил.

Благодарение на плутониумот од Димона се верува дека Израел е една од деветте земји во светот кои поседуваат нуклеарно оружје. Аналитичарите проценуваат дека Израел има материјал за најмалку 80 бомби кои можат да ги носат балистички ракети, борбени авиони или подморници.

Со децении објектот кај Димона изгледал исто, но минатата недела била забележано „значително ново градење“ благодарение на сателитските снимки.

Меѓутоа, малку детали се откриени. Сателитските снимки ги направила компанијата Планет лабс инкорпорејшн на барање на АП. Југозападно од реакторот е ископана дупка долга 150 метри и широка 60, а покрај неа ров од 330 метри.

Врз основа на други фотографии се проценува дека копањето кај реакторот почнало во 2019 година, но од тогаш споро напредува. Експертите понудиле различни објаснувања за изградбата, меѓу другото и можноста израелската влада да ги зачува и одржи актуелните нуклеарни капацитети.

„Ние ја изградивме нуклеарната опција не за да имаме Хирошима, туку Осло“, кажа во 1998 година Перес, кој ја предводеше нуклеарната програма па беше премиер, па и претседател на Израел.

Тој алудирал на бомбата која САД во Втората светска војна ја фрлија врз јапонскиот град Хирошима, па на израелските напори да постигнат мир со Палестинците.

Легенда под Главна слика

Screenshot: Youtube

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе