„Отстранувањето на овој висок лидер на Ал Каеда ќе ја наруши способноста на терористичката организација да планира и изведува напади со кои им се закануваат на американските граѓани, нашите партнери и невините цивили“, изјави во петокот портпаролот на Централната команда на американската армија (ЦЕНТКОМ), мајор Џон Ригсби.
Нападот со беспилотно летало е извршен два дена по нападот на американска база во јужна Сирија, но Ригсби во писмената изјава не кажа дали нападот со беспилотното летало бил извршен како одмазда, пренесува Ројтерс.
Нападот е извршен во регионот Солук, на северот на Сирија, кој е под надзор на Турција, пишува агенцијата АФП.
„Не утврдивме дали има цивилни жртви во нападот изведен со дронот ем-кју 9“, се вели во соопштението.
Ал Каеда продолжува да им се заканува на Соединетите Држави и нивните сојузници и „ја користи Сирија како база за повлекување за да се прегрупираат и координираат со своите ограноци и да планираат операции во странство“, рече Ригсби.
Кон крајот на септември, Пентагон елиминираше „уште еден висок лидер на Ал Каеда“ во Сирија, Салим Абу-Ахмад, за кој рече дека е одговорен за „планирање, финансирање и одобрување трансрегионални напади“ извршени од организацијата.
Околу 900 американски војници се распоредени во североисточна Сирија и соработуваат со Демократските сириски сили (ФДС) и во базата Ал Танф на југ во близина на Ирак и Јордан.