Американската потпретседателка по падот на Авганистан најавува „траен ангажман“ во Азија

Американската потпретседателка Камала Харис денеска најави „траен ангажман" на Вашингтон во Азија, уверувајќи ги сојузниците во посветеноста на САД во регионот, по повлекувањето од Авганистан.

Фото: ЕПА

Враќањето на талибанците на власт во Авганистан пред една недела, како и сликите на очајните Авганистанци кои се обидуваат да избегаат од земјата, фрлија сенка врз американскиот статус како глобална суперсила, пишува Франс прес.

За време на својата посета на Сингапур, на патувањето што ќе го вклучи Виетнам, уште една сцена на американскиот воен пораз, Харис инсистираше на тоа дека на САД сè уште може да се потпре.

„Нашата влада е посветена на траен ангажман во Сингапур, југоисточна Азија и Индопацификот“, рече таа на прес-конференција со сингапурскиот лидер.

„Тука сум затоа што САД се глобален лидер и ние сериозно ја сфаќаме таа улога“.

Премиерот на Сингапур, Ли Хсиен Лунг, изјави дека ја поздравува „потврдата за американските намери во регионот и светот“ на потпретседателката.

Владата на американскиот претседател Џо Бајден се обидува да ги ресетира односите во Азија по турбулентната ера на Доналд Трамп, сакајќи да го прикаже Вашингтон како сила на стабилност во време на сè понаметливата Кина.

Но, аналитичарите сметаат дека освојувањето на власта од страна на талибанците и брзиот колапс на авганистанската војска, обучена и опремена од американските сили, покажуваат дека не може да се зависи од САД.

Харис беше критикувана дека не се откажа од посетата на Виетнам во време кога американската војска се обидува да ги евакуира Американците, другите странски државјани и авганистанските сојузници од Кабул.

Таа криза предизвика споредби со траумата од 1975 година во Сајгон, кога американски хеликоптери ги евакуираа вработените и сојузниците од покривот на американската амбасада пред напредокот на војската на Виетконг.

Американските власти посочуваат дека посетата на Виетнам била планирана долго пред авганистанската криза и се фокусирала на пошироки стратешки цели на САД во Азија.

Се очекува Харис да го посети Виетнам во вторник, по престојот во Сингапур. Во Виетнам ќе престојува два дена и ќе биде прва потпретседателка на САД што ќе ја посети земјата.

Харис пристигна во Сингапур во неделата, а во понеделник одржа разговори со премиерот и потпиша договори за борба против сајбер заканите, климатските промени и пандемијата на коронавирусот.

Подоцна ќе ја посети поморската база Чанги и припадниците на американската морнарица на воениот брод УСС Тулса.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе