Според нови пресметки на астрономите

Земјата е 2.000 светлосни години поблизу до супермасивната црна дупка и се движи побрзо отколку што се сметаше досега

Како 2020 година да не е доволно чудна, астрономите открија дека Земјата е всушност 2.000 светлосни години поблиску до суперогромната црна дупка Стрелец А* во центарот на галаксијата Млечен Пат отколку што се сметаше порано.

Фото: НАСА

Згора на тоа, нашиот сончев систем исто така се движи низ вселената со седум километри во секунда побрзо отколку што претходно пресметале научниците.

Ѕвездените откритија се благодарение на новата и подобрена мапа на Млечниот Пат, објавена неделава и заснована на набљудувања собрани од јапонски астрономски проект во последните 15 години, заедно со други понови податоци.

Една светлосна година е еднаква на 9,5 трилиони километри, па иако првично може да звучи како крајот да е близу, научниците истакнаа дека навистина нема причина за тревога во врска со големата близина на Земјата до Стрелец А*.

Наместо извесна претстојна пропаст, новото моделирање им овозможува на научниците да ја утврдат локацијата на Земјата во рамките на галаксијата до поголем степен на точност.

Нашиот свежо исцртан Млечен Пат е резултат на набљудувања од телескопи низ Јапонија, кои го формираат радиоастрономскиот проект ‘ВЕРА’, основан во 2000 година.

Бидејќи Земјата се наоѓа внатре во галаксијата Млечен Пат, ние не можеме да се повлечеме чекор назад и да видиме како изгледа галаксијата однадвор. Астрометријата, точното мерење на позициите и движењата на објектите, е витална алатка за разбирање на целокупната структура на галаксијата и на нашето место во неа. Оваа година беше објавен Првиот ВЕРА астрометриски каталог, кој содржи податоци за 99 објекти.

Проектот ја користи техниката на „интерферометрија“ за да комбинира податоци од повеќе телескопи низ Јапонија, создавајќи суперостра резолуција од 10 микролачни секунди - со други зборови, доволно фокусирано за да се забележи и паричка на површината на Месечината.

Националната астрономска опсерваторија на Јапонија во четвртокот откри дека нејзините сопствени астрономи, заедно со други групи, создале „мапа на позиција и брзина“ што ја користеле за да го пресметаат центарот на галаксијата.

Овој галактички центар, велат астрономите, е оддалечен 25.800 светлосни години од Земјата, околу 2.000 светлосни години поблиску од официјалното растојание од 27.700 светлосни години пресметано од Меѓународната астрономска унија во 1985 година.

И додека 2020 година продолжува да се движи со огромна брзина, новата мапа ги навела астрономите да откријат и дека Земјата всушност кружи околу центарот на Млечниот Пат со 227 км / секунда, а не со помалата официјална брзина од 220 км / секунда.

Истражувачите од ВЕРА сега се обидуваат да создадат подетални мапи за областа близу до централната супермасивна црна дупка, користејќи податоци од телескопи од Јапонија, Јужна Кореја и Кина.

Легенда под Главна слика

Фото: НАСА

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе