Вакцината нема да ни го врати нормалниот живот на пролет

Дури и ако имаме ефикасна вакцина против коронавирусот на пролет, тоа нема да значи враќање на нормалниот живот.

EPA-EFE

Ова произлегува од извештајот кој го објави група реномирани научници по капата на британски Ројал сосајети, најстарата независна научна академија во светот.

Како што пренесува Би-би-си, вакцината против коронавирусот во јавноста често се перцепира како своевиден свет грал кој ќе ја докрајчи пандемијата на коронавирусот.

Но, сите рестрикции кои се воведени би можеле само постепено да се попуштаат, а на ефикасна вакцина би можеле да чекаме уште една година.

Во моментов во светот се работи на дури 200 можни вакцини против коронавирусот, а самиот процес се случува со брзина без преседан во светот на науката.

„Вакцината ни дава голема надеж за потенцијално прекинување на пандемијата, но во исто време знаеме дека историјата на развој на вакцините е преполна со неуспеси“, изјави д-р Фиона Кали од националниот институт за срце и бели дробови од лондонскиот Империјал колеџ, еден од најпрестижните светски универзитети.

Би-би-си наведува дека постојат оптимистични најави, па и такви кои доаѓаат од научните советници на британската влада, според кои дел од луѓето би можеле да добијат вакцина оваа година, додека масовното вакцинирање би можело да почне на почетокот на 2021.

Но, научниците на Ројал сосајети предупредуваат дека тоа ќе биде долготраен процес.

„Дури и ако вакцината стане достапна, тоа не значи дека во рок од еден месец сите ќе бидат вакцинирани. Зборуваме за шест месеци, девет месеци... една година“, вели Нилај Шах, професор по хемиско инженерство на Империјал колеџот. „Животот нема одеднаш да се врати во нормала во март“.

Во извештајот на Ројал сосајети се наведува дека пред научниците и понатаму има „енормни“ предизвици.

Некои од екперименталните пристапи на кои во моментов се работи, како РНА вакцината, никогаш не го минале процесот на масовно производство.

Тука е и прашањето на сировите материјали, од самите вакцини, преку садовите за вакцините, па сѐ до капацитетите за ладење, при што треба да се има на ум дека некои вакцини мора да се чуваат на температура од -80 Целзиусови степени.

Професорот Шах проценува дека процесот на вакцинирање ќе мора да се одвива постепено. Само во Британија вакцинирањето против вирусот ќе треба да се одвива 10 пати побрзо отколку што се одвива годишното вакцинирање против грипот, при што на тоа 30.000 обучени здравствени работници ќе мора да работат полно работно време.

Резултатите од првите студии сугерираат дека вакцините предизвикуваат одговор на имунолошкиот систем, но студиите сѐ уште не покажале дали тој одговор е доволен за пружање целосна заштита односно ублажување на симптомите на ковид-19, наведува британскиот јавен сервис.

„Ние едноставно не знаеме кога ефикасна вакцина против коронавирусот ќе биде достапна, колку ефикасна навистина ќе биде и, она што е клучно, колку брзо ќе може да се дистрибуира“, вели професорот Чарлс Бенгам, шеф на заводот за имунологија на Империјал колеџот.

„Дури и ако биде ефикасна, не е веројатно дека ќе можеме целосно да се вратиме во нормала, така што е веројатно дека дури и во случај да имаме вакцина за која знаеме дека е ефикасна ќе мора постепено да ги попуштаме рестрикциите“, додаде тој.

Има уште прашања без одговор, а токму тие поприлично ќе ја одредат стратегијата на вакцинирањето: Ќе биде ли доволно еднократно вакцинирање или вакцинирањето, како во случај на други болести, ќе мора да се спроведе во повеќе фази? Ќе биде ли вакцината доволно ефикасна за постарите лица, чии имунолошки системи не се силни како кај младите луѓе?

Истражувачите предупредуваат дека на одговорот на прашањето за долгорочниот имунитет ќе мора да причекаме уште некое време.

Коментирајќи го извештајот на Ројал сосајети, д-р Ендрју Престон од Универзитетот во Бат кажа: „Очигледно е дека вакцината се доживува како своевиден „сребрен куршум“ (едноставно решение за тежок или комплициран проблем) и таа на крајот вистински ќе биде нашиот спас, но тој процес нема да биде без одолговлекување“.

Престон предупреди и дека отпорот кон вакцинирањето е сѐ поголем проблем, кој веќе некое време се поврзува со движењето на отпор на маските.

„Ако голем број луѓе одбиваат вакцина, ќе ги оставиме ли да се погрижат сами за себе или ќе воведеме обврска за вакцинирање на школските деца односно на вработените во домовите за постари лица? Има тука многу тешки прашања“, заклучи д-р Престон.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе

Западен Балкан оди во насока на целосна контрола на државните институции во служба на политичките елити. Не е чудо што граѓаните имаат ниска доверба во овие институции.

повеќе

Граѓаните се преморени од бескрајните, приказни на предавници и патриоти, тирански платформи, договори со Грција, Бугарија, рекети, пописи, тендери,

повеќе