Џим Бриндистајн објави дека лансирањето од вселенскиот центар Кенеди на Флорида според новиот план е предвидено за недела во 19:27 часот, односно понеделник во 00:27 часот по средноевропско време.
Тимот е составен од Американците Мајкл Хопкинс, Виктор Гловер и Шенон Вокер, и Јапонецот Соичи Ногучи.
Пристигнувањето на ИСС е предвидено во вторник наутро по наше време.
Станува збор за првата шестмесечна оперативна мисија со која се потврдува продолжувањето на летовите со човечки екипаж од Соединетите Американски Држави од мај, по деветгодишната пауза и зависноста од Русија.
НАСА во вторникот официјално ја одобри капсулата Кру драгон која ја конструираше Спејсекс за превоз на своите астронаути, оценувајќи ја како безбедна.
Спејсекс, компанијата која ја формираше претприемачот Илон Маск, претходно успешно ја изврши тестната мисија која траеше од мај до август, за време на која двајца астронаути беа испратени на ИСС и вратени на Земјата без тешкотии.
Членови на следната мисија со човечки екипаж, планирана за крајот на март 2021, ќе бидат Европеецот Томас Песке, двајца Американци и Јапонец.