Во средата Северна Кореја лансираше ракета за која државните медиуми тврдеа дека е втората хиперсонична ракета во земјата, која обично се дефинира како оружје кое има брзина барем пет пати поголема од брзината на звукот – или околу 6.200 километри на час – и која може да се маневрира на релативно ниски траектории, поради што е мнпгу потешко да се забележи или пресретне.
„Иако се чинеше дека ракетата може да достигне хиперсонична брзина, таа можност ја имаат и други балистички ракети и тестот во средата не го демонстрираше рангот и можноста за маневри за кои се зборува во државните медиуми“, им кажа на новинарите јужнокорејски воен функционер.
Јужна Кореја процени дека ракетата летала помалку од 700 километри, колку што тврдеше Северна Кореја, и покажала помалку латерален маневар, додаде функционерот.
Боевата глава на ракетата лансирана во средата имала помалку конусовиден облик од првата наводна хиперсонична ракета која Пјонгјанг ја лансираше во септември.
Меѓународните аналитичари забележаа дека тестираната ракета на течно гориво е со Маневрирано повратно возило (МаРВ), кое веќе го испробале други земји, вклучувајќи ги САД.
„Една од моите забелешки за „хиперсоничното“ функционирање е што погрешно ја истакнува брзината, кога всушност зборуваме за маневрирање и прецизност“, кажа на Твитер Џефри Луис, истражувач на ракети во Центарот Џејмс Мартин за ограничување на вооружувањето (ЦНС). „Така што, да, новата севернокорејска ракета е хиперсонична. Но, што е најважно, таа е МаРВ“.
Иако таквите ракети го немаат дострелот на најголемите севернокорејски балистички ракети, аналитичарите велат дека маневарското оружје може да се користи за избегнување на ракетната одбрана.
Денес САД и Јапонија издадоа заедничко соопштение со кое ветија дека ќе ја зајакнат заедничката одбрана, вклучувајќи ја и таа против хиперсоничното оружје.