Овие процеси ја прават инаку стабилната средина на океанот сè понепредвидлива и би можело да се каже дека океанот полека го губи „своето памтење“, велат научниците.
„Меморијата на океанот, односно стабилноста на неговите услови, е еден од главните извори на предвидливост во климатскиот систем“, рече климатологот Дејзи Хуи Ши од Институтот Фаралон во Калифорнија.
„Сѐ укажува дека меморијата на океаните, мерена преку постојаните аномалии на температурата на површината на морето, ќе се намалува во наредните децении“, додаде таа.
Научниците ги анализирале температурите во плиткиот горен слој на океанот, наречен мешовит слој на горниот океан (МЛД), пишува Саенс алерт.
И покрај релативната плиткост на МЛД, кој се протега само до длабочина од околу 50 метри, овој горен слој обично покажува голема стабилност во однос на топлинската инерција, особено во споредба со варијациите во атмосферата.
Но моделите покажуваат дека овој „мемориски“ фактор на топлинска инерција во горниот дел на океанот ќе се намали на глобално ниво до крајот на векот и ќе има драстично поголеми температурни варијации.
Експертите велат дека ова ќе доведе до повисоко ниво на мешање на водата во горниот слој на океанот, што ќе ја намали неговата топлинска инерција и ќе го направи горниот дел почувствителен на случајни температурни аномалии.
Сè уште не е познато како тоа ќе влијае на морскиот живот, но научниците велат дека таквите промени би можеле да имаат влијание врз популацијата на океаните.
Покрај тоа, губењето на „меморијата“ на океанот може да им ја отежни работата на научниците, односно да ги искомплицира прогнозирањата за претстојната динамика на океаните, како што се предвидувањата за монсуните, морските топлински бранови и периодите на екстремни временски услови.
Студијата наречена Глобален пад на меморијата на океанот во текот на 21 век беше објавена во списанието Саенс адвансис.