Обединетите Арапски Емирати ја лансираа својата прва сонда на Марс (ВИДЕО)

Обединетите Арапски Емирати успешно ја лансираа првата сонда за Марс. Сондата Ал амал (односно надеж) така стана првата арапска меѓупланетарна мисија, и првата од трите меѓународни мисии што летово ќе тргнат кон Марс.

EPA-EFE

Сондата Ал амал е лансирана од Вселенскиот центар Танегашима во Јапонија, по одложувањето поради лошо време. Лансирањето мина во ред, а сондата воспоставила комуникација со екипата на тлото во Дубаи.

Сондата треба да стигне до Марс до февруари 2021 година. Ќе биде тоа прв пат сонда на Обединетите Арапски Емирати да орбитира околу Марс.

Во орбитата таа ќе биде една марсовска година, односно 687 денови на Земјата, а ќе собира податоци за атмосферата на Црвената планета.

„Чест е да се биде дел од глобалниот напор за истражување на вселената“, порачаа на Твитер членовите на мисијата Ал амал по лансирањето.

„Сондата Надеж е кулминација на секој чекор кој човештвото го презело низ историјата за да се истражат длабочините на вселената“, додадоа.

И САД и Кина тргнуваат во мисии на Марс летово. Роверот на НАСА Персевиренс и кинескиот Тјанвен 1 би требало да бидат лансирани од крајот на јули до почетокот на август, но точните датуми зависат од временските услови.

Трите земји, вклучувајќи ги ОАЕ, лансираат летоска поради појавата која се случува на секое две години, односно поради позицијата на Марс и Земјата кога двете планети се најблиску една до друга. Поради тие услови, патувањето е нешто пократко.

НАСА ѝ честиташе на сондата Ал амал на твитер профилот на Персевиренс. „Ви посакувам успешно патување и се веселам на моментот кога двете ќе го истражуваме Марс. Едвај чекам да ви се придружам на патувањето“, порача Персевиренс.

Сондата Ал амал е последниот и најамбициозен чекор на вселенската програма на ОАЕ во вселенскиот сектор, пишува Си-ен-ен.

Во 2009 и 2013 тие лансираа сателити кои ги развиваа со Јужна Кореја. В меѓувреме во 2014 развија сопствена вселенска агенција и поставија амбициозни цели, кои вклучуваат колонија на површината на Марс до 2117 година.

Си-ен-ен јавува дека на повеќето земји им се потребни десет до дванаесет години за да воспостават вселенска програма, но дека ОАЕ тоа го направија за шест.

За изградбата на сондата соработуваа со екипа од САД, од Универзитетот на Колорадо, односно нивната Лабораторија за атмосферска и вселенска физика. Се консултираа и со форумот кој го создаде НАСА за планирање на истражувања на Марс.

Одлучија најпрво да соберат податоци за климата на Марс во текот на цела година, кажа Сара ал Амири, главната научничка на мисијата.

„Податоците што ќе ги собере сондата ќе му дадат нова димензија на човечкото знаење“, изјави владетелот на Дубаи, шеикот Мохамед бин Рашид ал Мактум на Твитер, и додаде дека тоа е нивниот најголем придонес на светот.

Проучувањето на временските услови на Марс, што ги вклучува и промените во атмосферата и климата, би можело да помогне да сфатиме како Марс, планета која некогаш била како Земјата, од планета со реки и езера станала планета без каква било вода на површината, кажа Ал Амири.

Сондата затоа ќе мери разни параметри за да можат да се истражат разни теории. Ал Амири вели дека екипата е особено заинтересирана за врската меѓу песочните бури со губењето на кислородот и водородот, составните елементи на водата.

Проектот Ал амал е извор на голема гордост во Емиратите. Ал амал испраќа „порака на гордост, надеж и мир во арапскиот свет“, објави владата на Твитер.

„Се враќаме на златната доба на арапските и исламските откритија“.

Бурџ Калифа де Дубаи, највисоката кула во светот, симболично го проектираше одбројувањето на својата фасада на десет секунди пред лансирањето.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во либералните демократии веќе со години се продлабочува политичката поларизација, се намалува довербата во владеењето на правото и, институционално гледано, состојбата општо се распаѓа.

повеќе

Како по ѓаволите успеаја политичарите да го претворат токму Гоце Делчев во повод за поделби и омраза?

повеќе

Независна Македонија не може да се пофали со успешно менаџирање на етничките прашања, а првите „грешки“ се прават во првите денови од независноста.

повеќе