Научниците мислат дека конечно откриле како настанал животот

Според една од главните теории за абиогенезата, животот на Земјата потекнува од органски соединенија што со себе ги донеле метеоритите.

Фото: ЕПА

Во биологијата, абиогенезата, хемиската еволуција што ѝ претходела на биолошката, е природен процес со кој животот настанал од неживи материи, како што се прости органски соединенија.

Поддржувачите на теоријата за метеоритите веруваат дека таа е особено веродостојна бидејќи го скратува времето потребно за абиогенеза, бидејќи клучните состојки потребни за неа можеле да се формираат во вселената долго пред условите на Земјата да станат поволни за живот.

Научниците веќе претходно на кометите, астероидите и метеоритите открија голем број органски соединенија, вклучително и некои аминокиселини и основни елементи на ДНК.

ДНК се состои од четири главни „градбени тули“ - нуклеотидни бази наречени аденин (А), тимин (Т), цитозин (Ц) и гванин (Г).

РНК, која некои научници ја сметаат за изворна молекула на животот, исто така се состои од бази A, Ц и Г, но во неа тиминот е заменет со урацил (У).

Две од нуклеотидните бази - A и Г - спаѓаат во соединенијата наречени пурини, додека другите се пиримидини. Научниците претходно успеаја да пронајдат голем број пурини на метеоритите, вклучувајќи ги и оние што не се присутни во ДНК, но не и помалите молекули пиримидини. Отсуството на пиримидини, а со тоа и на базите T, Ц и У, долго време е мистерија бидејќи лабораториските експерименти што ги симулираат вселенските услови сугерираа дека и пурините и пиримидините може да се формирале за време на хемиски реакции предизвикани од светлината во меѓуѕвездените молекуларни облаци или на вселенските карпи.

Нов, софистициран метод на анализа

Во новата студија, објавена во списанието Нејчр комјуникејшнс, научниците конечно, со софистицирана технологија, во метеоритите што пристигнале на Земјата успеале да ги идентификуваат сите пиримидини и пурини пронајдени во ДНК и РНК.

Како го сториле тоа? Авторите на студијата тргнале од претпоставката дека Ц и T во претходните анализи не биле откриени бидејќи може да се разградат при екстракција на примерокот, бидејќи нивните структури се поделикатни. Имено, во претходните експерименти, научниците зрнцата од метеорит ги ставале во топла бања што содржела мравја киселина за да ги одвојат потребните молекули.

Затоа, тимот одлучил во својата анализа да користи студена вода наместо топла мравја киселина, која е многу реактивна и може да ги уништи кревките молекули на пиримидинот. Освен тоа, тие користеле и најсовремени аналитички техники, сто пати почувствителни од претходните. Тие изворно биле дизајнирани за генетски и фармацевтски истражувања во кои е неопходно да се детектираат многу мали количества хемиски соединенија.

„Оваа група успеа да развие техника што повеќе наликува на ладно маринирање отколку на врел чај, така што може да извлече почувствителни соединенија“, рече Џејсон Дворкин, коавтор на трудот од НАСА.

„Бев вчудовиден што успеале да го видат цитозинот, кој е многу кревок“, додаде тој.

Тимот анализирал примероци од три метеорити - Марчисон, Мареј и Тагиш Лејк - богати со јаглерод, за кои претходните истражувања покажаа дека може да бидат домаќини на хемиски реакции во кои се формираат нуклеотидни бази.

Во метеоритите, T, Ц и У биле откриени на нивоа од неколку делови на милијарда. Овие соединенија биле присутни во концентрации слични на оние предвидени со експерименти што ги повторуваат условите што постоеле пред формирањето на Сончевиот систем. Покрај Т, Ц и У базите по кои трагале, научниците откриле и други пиримидини што не се наоѓаат во ДНК или РНК.

„Ова е додавање на сè повеќе парчиња од сложувалката; сега е откриено дека метеоритите содржат и шеќери и бази“, рече Дворкин, додавајќи дека е возбудливо да се види напредок во разбирањето на формирањето на основните молекули на биологијата во вселената.

Мистериозен недостиг од пиримидин

Досега тимот не нашол одговор на прашањето зошто во метеоритите има толку помалку пиримидин од пурин. Но авторите на студијата веруваат дека одговорот би можел да биде во фактот дека пурините во нивната молекуларна структура имаат петтоаголен прстен познат како имидазол, а пиримидините го немаат.

Имено, имидазолот лесно може да се формира при природни хемиски реакции, а може да делува и како примитивен катализатор за иницирање на хемиските реакции потребни за формирање на пурините.

Новата студија е значајна и поради тоа што претставува нов модел за извлекување информации од астероидите во иднина. Оваа техника би можела да се користи при анализата на примероците од астероидот Бену, кој треба да пристигне во 2023 година како дел од мисијата Озирис-Рекс.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе