Првата мисија на лет на Месечината, која таму би требало да однесе човечки екипаж по 50 години, наречена Артемис I, беше лансирана од вселенскиот центар Кенеди во Флорида, објави НАСА.
Планираното времетраење на мисијата е вкупно 25,5 дена со спуштање во Тихи Океан на 11 декември.
Ракетата Спејс лаунч систем (СЛС) ја исфрли капсулата Орион од орбитата на Земјата и ја испрати на пробно патување околу Месечината и назад без астронаут.
„Од трета мајка“
Полетувањето беше реализирано во третиот обид за лансирање, кое беше долго одложувано поради различни пречки - технички проблеми и постојани урагани.
Обраќајќи ѝ се на контролата на мисијата неколку моменти по полетувањето, директорката на лансирањето на Артемис I, Чарли Блеквел-Томпсон, ја пофали напорната работа на своите колеги.
„Работевте напорно како тим за овој момент… и ова всушност е ваш момент. Сите ние сме дел од нешто неверојатно посебно, првото лансирање на Артемис, првиот чекор во нашето враќање на Месечината и на Марс“, рече таа.
LIVE NOW: The #Artemis era of exploration begins today with @NASAArtemis I, the first integrated test flight of the rocket and spacecraft that will bring humanity to the Moon. Watch @NASA_SLS and @NASA_Orion embark on their first voyage. https://t.co/Ngak08VFb0
— NASA (@NASA) November 16, 2022
Горниот дел од ракетата е дизајниран да ја лансира капсулата Орион надвор од орбитата на Земјата на лет од 25 дена, доаѓајќи на 97 километри од површината на Месечината пред да помине вкупно 64.374 километри околу Месечината и да се врати на Земјата.
НАСА смета на успешна мисија откако ракетата СЛС ја развиваше повеќе од една деценија. До крајот на 2025 година има намера да инвестира повеќе од 90 милијарди долари во својата нова лунарна програма.
Артемис 2 би требало да биде како повторување на првата мисија, но овој пат со астронаути, а реализацијата се очекува во 2024 година.
Пробен лет без астронаути
Мисијата претставува пробен лет без астронаути и е првиот чекор во плановите на американската вселенска агенција да воспостави долгорочна лунарна колонија на Месечината како отскочна штица за уште поамбициозни идни патувања со екипаж на Марс.
Ова е првиот пробен лет на огромната двостепена ракета СЛС и нејзината беспилотна капсула Орион.
Иако во неа нема луѓе, Орион носи симулиран екипаж од тројца - една машка и две женски кукли - опремени со сензори за мерење на нивото на радијација и други стресови што би ги доживеале астронаутите.
Прогласена за најмоќната и најсложена ракета во светот, СЛС е најголемиот нов систем за вертикално лансирање изграден од американската вселенска агенција откако Сатурн V полета кон Месечината за време на програмата Аполо во 60-тите и 70-тите години.
Именувана по сестрата-близначка на Аполон од античката грчка митологија, новата вселенска програма е развиена 50 години откако луѓето последен пат стапнале на лунарната почва.
Проблеми со времето
Полетувањето се случи неколку дена по поминувањето на ураганот Никол, кој ракетата успешно го преброди во надворешниот простор на лансирната рампа.
На крајот на септември, ракетата мораше да биде транспортирана назад во монтажната зграда за да се заштити од ураганот Иан, кој во тоа време му се закануваше на брегот на Флорида.
Пред лошите временски услови, беа откажани два обиди за лансирање, но од технички причини.
Првиот дефект беше поврзан со неисправен сензор, а вториот со истекување гориво при полнење на резервоарот на ракетата.
НАСА потоа го поправи дефектот и ги измени своите процедури за што е можно повеќе да се избегне топлинскиот шок.