Гардијан

Како почнал коронавирусот и од каде потекнува? Навистина ли е од животински пазар во Вухан?

Веројатно ковид-19 потекнува од лилјаци, велат научниците. Но дали потоа скокнал на панголините?

Во умот на јавноста приказната за потеклото на коронавирусот изгледа добро зацврстена: кон крајот на 2019 година некој на сега светски познатиот пазар на морски плодови Хуанан во Вухан се заразил со вирус од животно.

Остатокот е дел од ужасната историја што сè уште се одвива, откако ковид-19 се прошири од првиот кластер во главниот град на кинеската провинција Хубеи до пандемија во која досега починаа околу 80.000 луѓе.

Фотографиите со панголини (крлушест цицач, кој изгледа како мравојад) се појавија во вестите, сугерирајќи дека ова животно било попатна станица за вирусот пред да скокне кај луѓето.

Но постои некоја неизвесност во врска со неколку аспекти од приказната за потеклото на ковид-19 на која научниците работат напорно за да ја разоткријат, вклучувајќи и кои видови му ја пренеле на човекот. Тие работат напорно затоа што дознавањето како почнала пандемијата е клучот за запирање на следната пандемија.

Професорот Стивен Тарнер, раководител на одделот за микробиологија на Универзитетот Монаш во Мелбурн, вели дека најверојатно вирусот потекнал од лилјаците.

Но не е сигурен во ништо друго.

За хипотезата дека вирусот се појавил на пазарот за живи животни во Вухан од интеракција помеѓу животно и човек, Тарнер вели: „Мислам дека ова ни најмалку не е дефинитивно“.

„Дел од проблемот е што информациите се исто толку добри колку и начинот на кој се добиени“, вели тој, додавајќи дека вирусите од овој вид циркулираат цело време во животинското кралство.

Фактот дека вирусот зарази тигар во зоолошка градина во Њујорк покажува дека вирусите можат да се движат помеѓу видовите, вели тој. „Разбирањето на дијапазонот на видовите што овој вирус може да ги зарази е важно, бидејќи ни помага да откриеме од каде потекнува“.

Научниците велат дека е голема веројатноста дека вирусот потекнува од лилјаци, но најпрво поминал преку животно-посредник на истиот начин на кој еден друг коронавирус - епидемијата на САРС во 2002 година - се преселил од потковичестите лилјаци на мачколиките цивети пред да ги зарази луѓето.

Едно од животните што може да бидат посредник-домаќин меѓу лилјаците и луѓето е панголинот. Меѓународната унија за зачувување на природата вели дека тие се „најчестиот нелегално тргуван цицач во светот“ и се ценети по нивното месо и претпоставените лековити својства на нивните крлушки.

Како што објави Нејчр, панголините не биле наведени во списоците на стоки што се продавале во Вухан, иако овој пропуст може да биде намерен бидејќи нивното продавање е нелегално.

„Не е јасно дали кутриот панголин бил видот на кој скокнал вирусот“, вели Тарнер. „Или се замешал во нешто друго, се замешал во кутриот панголин, или скокнал на луѓето и еволуирал кај луѓето“.

Професорот Едвард Холмс, од Универзитетот во Сиднеј, е коавтор на една студија за Нејчр што го испитувала веројатното потекло на вирусот гледајќи во неговиот геном. На социјалните медиуми тој истакна дека идентитетот на видовите што служеле како посреден домаќин на вирусот „сè уште е неизвесен“.

Една статистичка студија се занимавала со една карактеристика на вирусот што се развила за да му овозможи да се прилепи на човечките клетки. Панголините можеле да му ја развијат оваа карактеристика, но исто така и мачките, биволите, говедата, козите, овците и гулабите.

Друга студија тврди дека комплетно ги отфрлила панголините како посредник, затоа што на примероците од слични вируси земени од панголини им недостигал синџир од аминокиселини што се гледаат во вирусот што сега кружи кај луѓето.

Студијата на која работел Холмс сугерира дека сценариото во кое некој човек на пазарот во Вухан бил во интеракција со животно што го носело вирусот е само една потенцијална верзија на приказната за потеклото на ковид-19. Друга беше можноста дека потомок на вирусот скокнал на луѓето, а потоа се приспособил кога почнал да се пренесува од човек на човек.

„Откако ќе се случат, овие адаптации ќе овозможат пандемијата да почне и да произведе доволно голем број заразени за да го активира системот што ја открил“, се вели во студијата.

Анализата на првите 41 пациент на ковид-19 во медицинското списание Лансет откри дека 27 од нив имале директен контакт со пазарот во Вухан. Но истата анализа открила дека првиот познат случај на болеста немал директен контакт со тој пазар.

Ова може да биде уште една причина да се сомневаме во општо прифатената приказна.

Проф. Стенли Перлман, водечки имунолог од Универзитетот во Ајова и експерт за претходни епидемии на коронавируси што потекнуваат од животни, вели дека „не може да се исклучи“ идејата дека врската со вуханскиот пазар е случајна, но таа можност „се чини помалку веројатна“ бидејќи на пазарот бил пронајден генетскиот материјал на вирусот.

Перлман за Гардијан Австралија рече дека верува дека имало животно-посредник, но додава дека иако панголините се можни кандидати, „не е докажано дека се клучните посредници“.

„Се сомневам дека кај животното-посредник, доколку имало такво, се случила некаква еволуција (на вирусот). Во трите месеци од пандемијата нема значителни промени во вирусот, што укажува на тоа дека вирусот е добро приспособен на луѓето“.

Таканаречените влажни пазари (каде што се тргува со живи животни) се вмешани во претходните епидемии на коронавируси, особено на САРС-от.

Д-р Мишел Бејкер, имунолог во ЦСИРО, која проучува вируси кај лилјаци, вели дека некои истражувања за потеклото на ковид-19 не даваат идентични резултати со тоа што беше досега познато.

Но „навистина не знаеме“ колку е точна приказната за потеклото, вели таа: „Постои некаква врска (со пазарот во Вухан) и постоеја луѓе што биле во контакт со пазарот и беа заразени“.

Бејкер вели дека е „мошне веројатно“ дека вирусот потекнува од лилјак. „Ова е веројатно сценарио, но никогаш нема да знаеме. Пазарот беше расчистен доста брзо. Можеме само да шпекулираме“.

„Овие влажни пазари се проблем затоа што имате интеракција меѓу видови“, вели таа. „Тоа е можност да се потенцираат опасностите од нив и можност да се сузбијат“.

Тарнер додава: „Ги пронајдовме предците на вирусот, но поседувањето пошироко знаење за коронавирусот кај други видови може да ни даде навестување за еволуцијата на ова нешто и за тоа како скокнал“.

Објавено

Среда, Април 8, 2020 - 17:37

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе

Она она што го нудат медиумите во времето на ковид-19 покажа колку тие не се подготвени за да известуваат во време на криза, а кризите ги има сè почесто.

повеќе