Исланд се подготвува во вулкан да издупчи дупка длабока 2 километри, сака да дојде до магмата

Вулканот Крафла со големо кратерско езеро со тиркизна боја, облаци чад и базени со сулфурна кал е едно од најимпресивните исландски природни чуда.

EPA-EFE

Таму, на североистокот на Исланд, група меѓународни истражувачи се подготвуваат да издупчат два километри во срцето на вулканот. Целта на овој „жилверновски“ проект е изградба на првата подземна опсерваторија на магма во светот.

Проектот вреден 100 милиони долари е почнат во 2014 година, а првите дупчења треба да почнат во 2024. Во него учествуваат научници и инженери од 38 истражувачки институти и компании од 11 земји, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Британија и Франција.

Нивната намера е да издупчат дупка до комората со магма во вулканот.

Прва опсерваторија на магма во светот

Спротивно од лавата која избива на површина, магмата, растопениот карпест материјал под Земјината површина, на научниците сè уште им е загатка.

Опсерваторијата во Крафла ќе биде првата таква во светот, кажа Паоло Папале, вулканолог од италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија ИНГВ.

„Никогаш не сме ја проучувале подземната магма, освен кога случајно ќе стигневме до неа при дупчење“ во вулкани на Хаваи, во Кенија и во самата Крафла во 2009, додаде Папале.

Научниците се надеваат дека проектот ќе доведе до голем напредок во искористувањето на геотермалната енергија и дека ќе го продлабочи знаењето за предвидување на вулканските ерупции и ризици.

Клучно е да се знае каде се наоѓа магмата за да бидеме спремни за ерупција, вели Папале. „Без тоа, ние сме речиси слепи“, додаде.

„Не е толку длабоко“

Како многу научни откритија, опсерваторијата на магма е резултат на неочекувано откритие.

Кога во 2009 година инженери работеле на проширување на геотермалната централа Крафла, големата бургија случајно издупчила џеб со магма на длабочина од 2,1 километри.

Вулканолозите тогаш сфатиле дека се блиску до магматската комора, за која проценуваат дека содржи околу 500 милиони кубни метри магма.

Научниците биле вџашени што нашле магма толку плитко. Очекувале дека ќе мора да дупчат барем до длабочина од 4,5 километри за да стигнат до неа.

Одделни студии покажале дека откриената магма има слични својства како таа од ерупцијата на Крафла од 1724 година, што значи дека е стара барем 300 години.

„Ова откритие би можело потенцијално да значи голем напредок во способностите за разбирање многу различни нешта – од настанувањето на континентите до динамиката на вулканите и геотермалните системи“, ентузијастично кажа Папале.

Енергија до 10 пати посилна од онаа во конвенционалните бушотини

Случајното откритие на магмата било поволно и за Ландсвиркјун, исландска електроенергетска компанија која управува со тамошната централа.

Кога е толку блиску до течна магма, карпата достигнува толку екстремни температури што течностите стануваат „суперкритични“, односно се во агрегатна состојба меѓу течна и гасовита.

Енергијата која таму се произведува е пет до 10 пати посилна од таа произведена од конвенционалните бушотини за геотермалните централи.

Температурата на пареата која избила на површина за време на инцидент во 2009 изнесувала 450 Целзиусови степени, што е најголемата забележана температура на вулканска пареа.

Две такви „суперкритични“ бушотини биле доволни за да произведат 60 мегавати електрична енергија, што е количество за кое на постоечката термоцентрала ѝ се потребни 18 бушотини.

„Како со игла да боцкате слон“

Ландвиркјун затоа се надева дека овој меѓународен проект ќе доведе до „нови технологии за да може да се дупчи подлабоко и да се искористи енергијата до која досега не се можеше“, кажа Вордис Еириксдотир, шефица на одделот за геотермални операции и управување со ресурси во компанијата.

Дупчењето во толку екстремно опкружување е технички тешко. Опремата мора да биде отпорна на корозија која ја создава исклучително жешката пареа.

Можноста потфатот да предизвика вулканска реакција е нешто за што нормално треба да се внимава, вели Џон Ајхелберг, геофизичар од Универзитетот Алјаска. „Но тоа е како со игла да боцкате слон“.

„Магмата е откриена во десет бушотини на три различни места во светот и ништо лошо не се случило“, кажа Ајхелберг.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе