Денешниов ден во 2013 година: Денот кога Земјата се насмевна (ФОТО)

Денес е годишнината од Денот кога Земјата се насмевна, односно на третата фотографија на Земјата од надворешниот сончев систем во историјата на човештвото, направена од големото вселенско летало Касини на 19 јули 2013 година.

19 јули 2013 година - Денот кога Земјата се насмевна. На овој датум човештвото ja доби својата трета фотографија (и една од најфасцинантните вселенски фотографии досега) на Земјата од надворешниот сончев систем. На неа планетата Сатурн го засенува сонцето од гледната точка на вселенското летало Касини. Тимот на Касини подоцна ја нарече фотографијата Денот кога Земјата се насмевна. Двете претходни слики се Бледосина кугла од Касини во 2006 година и Бледосина точка од Војаџер во 1990 година.

Вселенското летало Касини на НАСА орбитираше околу Сатурн и неговите месечини уште од 2004 година. На 19 јули 2013 година леталото беше на таква позиција што од неговата гледна точка Сатурн го засенуваше сонцето. Откако беше блокирана сончевата светлина, вселенските научници ја направија третата фотографија на Земјата и на Земјината месечина од надворешниот сончев систем во историјата, од далечина од стотици милиони километри.

Кога Касини тој ден се прикри во сенката на Сатурн, успеа да направи слики и од планетите Венера и Марс, осветлените прстени на Сатурн и од неколку од Сатурновите месечини, сè одеднаш. Може да ја видите темната страна на Сатурн, неговиот светол раб, главните прстени и Ф прстенот, Г и Е прстените. Оваа глетка се простира кон неосветлената страна на прстените од околу 20 степени под рамнината на прстенот.

Вселенското летало Касини на НАСА го направи овој портрет во природни бои на 19 јули 2013 година. Ова е трета фотографија на Земјата од надворешниот сончев систем и прва слика што ги прикажува Сатурн, неговите месечини и прстени, плус Земјата и нејзината месечина, Венера и Марс, сè заедно. Фото: НАСА/ЈПЛ/Калтек/ССИ

Фотографија од Сатурн и глетката од Сатурн со ознаки, направена од Касини на 19 јули 2013 година. Фото: НАСА / ЈПЛ-Калтек/ ССИ

Тогаш првпат луѓето однапред знаеја дека ќе бидат фотографирани од некој друг свет. НАСА ги покани сите на Земјата да се свртат кон небото и да мавтаат додека некој ги фотографира од далечина од стотици милиони километри. Додека се приближуваше денот, Каролин Порко од тимот за фотографирање од Касини во Институтот за вселенска наука во Болдер, Колорадо, им порача на луѓето:

„…Погледнете нагоре, размислете за нашето космичко место, размислете за нашата планета, колку е невообичаена, колку е бујна и животворна, размислете за сопственото постоење, размислете за големината на подвигот што го претставува ова фотографирање. Ние имаме вселенско летало на Сатурн. Сега сме навистина меѓупланетарни истражувачи. Размислете за сето тоа и насмевнете се.“

Така се роди Денот кога Земјата се насмевна.

НАСА рече дека сликата со природни бои е онаква каква што би ја видело човечкото око ако сте биле таму со Касини. Користејќи ги своите фотоапарати и со широк агол и со тесен агол, вселенското летало направи вкупно 323 фотографии во период од четири часа, но само 141 слика биле употребени за создавање на овој панорамски мозаик. Овој мозаик е исто така еден од 33-те „отпечатоци“ што го опфаќаат целиот систем на прстенот и самиот Сатурн.

Оваа неверојатна слика, објавена од НАСА на 23 јули 2013 година, се протега на растојание од околу 651.590 километри - приближно двапати од растојанието меѓу Земјата и Месечината. Во тоа време Касини беше оддалечено од Земјата околу 1,45 милијарди километри. Тоа растојание е скоро 10 пати поголемо од оддалеченоста на сонцето од Земјата.

„Уште откако ја здогледавме Земјата меѓу прстените на Сатурн во септември 2006 година во мозаик што стана една од најомилените слики на Касини, сакав пак да го направам тоа, ама подобро. Овојпат, сакав целиот настан да го претворам во можност за сите низ светот да ја вкусат уникатноста на нашата планета и скапоценоста на животот на неа“, рече Порко.

Таа го оствари тоа, и многу повеќе.

Постои и уште една одлична слика поврзана со овој ден, колаж од луѓе на Земјата, создаден за да помогне во одбележувањето на оваа пригода. Над 1.400 индивидуални фотографии беа направени за да се прикаже погледот кон Земјата. Истиот ден кога беше направена сликата Денот кога Земјата се насмевна, учесниците од 40 земји се фотографираа како му мавтаат на Сатурн. Овој прекрасен колаж е резултат на тоа.

Колаж од луѓе на Земјата на 19 јули 2013. Фото: НАСА

Поглед одблиску на некои од многуте фотографии што го сочинуваат колажот. Фото: НАСА

Бледосина кугла од Касини, 2006 г. Ова е втората слика во историјата на Земјата од надворешниот сончев систем. Во тоа време, вселенското летало се наоѓаше на околу 1,5 милијарди км од Земјата. Земјата и месечината се гледаат како мала сина точка на десната страна на сликата, веднаш над центарот. Кога ќе се зголеми, може да ја видите месечината како мало „испакнување“ на горната лева страна од Земјата.

Фотографијата Бледосина кугла направена од Касини во 2006

Како и со сликата од 2013 година, и фотката од 2006 година беше овозможена со поминувањето на Сатурн директно пред сонцето, од гледна точка на Касини.

Бледосина точка на Војаџер, 1990 година. Првата слика во историјата на човештвото од Земјата направена од надворешниот сончев систем - а воедно и најдалечната слика - беше направена од вселенското летало Војаџер 1 на НАСА на 14 февруари 1990 година. Неговото растојание од Земјата во тоа време беше 6,4 милијарди км. Сликата ја покажува Земјата како бледа сина точка, па оттука е и името. Земјата се гледа како многу тенок полукруг со големина од само 0,12 пиксели. Војаџер 1 стигна до работ на сончевиот систем, 12 години по неговото лансирање, и ја заврши својата примарна мисија.

Фотографијата Бледосина точка направена од Војаџер во 1990

По барање на астрономот Карл Саган, вселенското летало доби наредба од НАСА да сврти назад и да ги фотографира планетите на сончевиот систем. Мозаикот на сончевиот систем беше интересен, но оваа слика - сликата на нашиот мал свет во вселената, опкружена со празнина - беше срцепарателна. За оваа слика Карл Саган подоцна славно ќе каже:

„Пак погледнете ја таа точка. Тоа е тука. Тоа е дома. Тоа сме ние. На неа се сите што ги сакате, сите што ги знаете, сите за кои некогаш сте чуле, секое човечко суштество што некогаш постоело, го одживеало својот живот. Агрегат на нашата радост и страдање, илјадници самоуверени религии, идеологии и економски доктрини, секој можен ловџија и рибар, секој јунак и секој кукавица, секој создавач и секој уништувач на цивилизацијата, секој крал и секој селанец, секој млад вљубен пар, секоја мајка и татко, надежно дете, пронаоѓач и истражувач, секој учител на моралот, секој корумпиран политичар, секоја суперѕвезда, секој врховен водач, секој светец и грешник во историјата на нашиот вид живееле таму - на трошка прашина распрсната низ сончев зрак.“

Објавено

Недела, Јули 19, 2020 - 19:50

Време е за коренити промени на економскиот систем во Хрватска.

повеќе

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе