Украина бара од ММФ заем до 20 милијарди долари

Украина сака да постигне договор со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) до крајот на годината за кредитна програма вредна 15 до 20 милијарди американски долари, што ќе ја поддржи економијата опустошена од војната, најави украинскиот гувернер Кирил Шевченко.

Фото: ЕПА

Украина, погодена од руската инвазија, која почна на 24 февруари, се соочува со економски пад од 35 до 45 отсто оваа година и месечен фискален дефицит од пет милијарди долари, а во голема мера се потпира на странско финансирање од западните партнери.

Говорејќи за време на посетата на Лондон, Шевченко изрази и надеж дека ќе се постигне договор „во рок од неколку недели“ за свап-линијата со Банката на Англија, но не ја прецизираше сумата, пренесува Сибиз.

„Киев веќе има поднесено барање до ММФ и сега е во консултации со Фондот за ново финансирање, кое треба да обезбеди дури 20 милијарди долари за две или три години во форма на стенд-бај аранжман или проширен фонд“, рече Шевченко.

Тоа е првпат Украина да го открие износот на новото финансирање што ѝ е потребно од ММФ.

Програмата вредна 20 милијарди долари би била вториот најголем активен заем на ММФ, по оној на Аргентина.

„ММФ секогаш ѝ е партнер на Украина за време на војната. Се надевам дека програмата ќе биде покрената оваа година“, изјави Шевченко за Ројтерс.

Тој објасни дека новата програма треба да овозможи мерки што ќе помогнат да се стабилизира економијата.

Ова може да обезбеди враќање на предвоените услови, како што се флексибилен девизен курс, отсуство на ограничувања на девизниот пазар, намалување на лошите заеми во банкарскиот сектор и урамнотежена фискална политика.

Најновиот заем од ММФ за Украина беше 1,4 милијарда долари итна финансиска поддршка договорена во март, што одговара на половина од квотата на Украина на ММФ.

Исто така, Киев сега е во преговори со своите меѓународни кредитори за замрзнување на долгот за да се олесни кризата со ликвидноста.

Украинската енергетска компанија Нафтогаз во вторникот стана првата државна компанија од почетокот на руската инвазија што не може да ги исполни своите обврски.

Централната банка на Украина веќе има линија од 1 милијарда долари со полската врховна монетарна институција.

Одредено олеснување за девизните приходи и ликвидноста ќе дојде и од договорот склопен минатата недела меѓу Москва и Киев за да се овозможи безбеден премин за испораките на жито до и од украинските пристаништа блокирани од Русија во инвазијата.

„Сепак, тие приходи и испораки сериозно ќе се зголемат дури следната година кога, според ‘конзервативните’ проценки на централната банка, извозот би можел да достигне пет милиони тони месечно и да генерира приближно пет милијарди долари во следната година“, рече Шевченко.

Зборувајќи за интервенцијата на централната банка на девизните пазари, како и за програмата за откуп на обврзници, Шевченко рече дека и двете активности засега ќе продолжат, иако програмата за откуп на обврзници ќе заврши веднаш штом ќе заврши војната.

„Да се обезбеди парично финансирање беше најболната одлука во мојот живот, но сфативме дека тоа е неопходно за време на војната“, рече Шевченко.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе