Сиромаштијата во богатата Германија

Германија е богата земја, но статистиката безмилосно открива колку нејзини жители едвај преживуваат.

EPA-EFE

Според официјалните податоци од четвртокот, околу 13 милиони луѓе, односно 15,8 отсто од граѓаните, во 2021 година живееле во сиромаштија.

Сојузниот завод за статистика во категоријата загрозени ги става сите со заработка од 60 отсто од просечната плата. Уделот на таа група во населението останал практично непроменет од претходната година, но состојбата сепак се влошува.

Просечниот нето приход на самец во 2021 бил 15.009 евра, односно 1.251 евро месечно, а за двојка со две деца помлади од 14 години 31.520 евра или 2.627 евра месечно.

Сиромаштијата повеќе им се заканува на жените отколку на мажите, со 16,5 и 15,1 отсто. Притоа, ризикот расте со годините, па меѓу постарите од 65 се загрозени 21 отсто од жените и 17,4 отсто од мажите.

Заводот тоа го припишува на помалите пензии кај жените, најчесто поради прекин во работниот стаж поради одгледувањето деца и слично.

Децата и младите се уште поизложени на сиромаштија со 16,2 отсто, а најлошо поминуваат самохраните родители и семејствата со повеќе од две деца, со удел од 26,6 и 23,6 отсто. Најголемиот удел меѓу сиромашните во Германија сепак го сочинуваат самците, со 26,8 отсто.

Меѓу невработените, речиси половина, односно 47 отсто, се наоѓале на граница на сиромаштија или под неа, како и петина од пензионерите.

„Сивите бројки не ја покажуваат драматичноста на состојбата“, оцени професорката по социјално право Ане Ленце. „Сиромаштијата многу посилно ги погодува оние кои веќе имале малку“.

Луѓето со послаби примања веќе голем дел морале да одвојуваат за кирија, сметки и храна и немаат простор каде било да заштедат, на пример со откажување на ручеци во ресторан или одмор, вели Ленце.

Притоа, тие по правило живеат во полошо изградени станови и на греење трошат несразмерно голем дел од заработката. Инфлацијата само ќе ја влоши состојбата и „луѓето лесно можат да лизнат под границата на преживувањето“, предупредува професорката.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе