Лагард кажа и дека ЕЦБ не завршила со кревањето на каматната стапка чија цел е ублажување на ефектите на зголемувањето на цените.
Според неа, има премногу неизвесности за да се знае дали инфлацијата која во октомври изнесувала 10,6 отсто, наскоро ќе падне во 19-те земји кои го користат еврото.
Кога станува збор за тоа што ги тера цените да скокаат, „без оглед дали станува збор за храната или стоката за широка потрошувачка или енергенсите, ние не гледаме компоненти или насока која би нè убедила да поверувам дека сме го достигнале врвот на инфлаторните движења и дека инфлацијата наскоро ќе падне“, кажа Лагард.
Тоа, според неа, значи дека ЕЦБ „ќе продолжи да ја кроти инфлацијата со сите алатки кои ѝ стојат на располагање“, а пред сè преку зголемување на каматната стапка, додаде таа во обраќањето пред Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент.
По третото големо зголемување на каматните стапки во октомври, што е најбрзиот некогаш забележан ритам на нивно зголемување, ЕЦБ, како што кажа Лагард, очекува „дополнително зголемување на стапките, до нивото потребно да се обезбеди инфлацијата во догледно време да се врати на среднорочниот проектиран процент од два отсто“.
ЕЦБ се придружи на Федералните резерви на САД и другите централни банки низ светот во брзото кревање на каматните стапки за сузбивање на инфлацијата која збесна додека светската економија прво се опоравуваше од пандемијата на ковид-19 а потоа се влоши со војната во Украина.
Централните банки ризикуваат да ги доведат економиите на државите во рецесија додека светот се бори со енергетската криза, растот на цените на храната и слабеењето на валутите во однос на доларот.