Ројтерс: Опасна трка меѓу платите и цените во Источна Европа

Големите покачувања на заработките претставуваат предизвик за централните банки во земјите од Источна Европа, кои со построги монетарни политики и високи каматни стапки се обидуваат да ја ограничат инфлацијата, вели Ројтерс.

Фото: ЕПА

Поради растот на цените, 24-годишната Ноеми Тури побарала зголемување на платата од 16 проценти во однос на онаа што пред само неколку месеци ја сметала за прифатлива, додека двоцифрената инфлација низ Источна Европа резултира со сѐ поголем број барања за покачување на платите.

Малата фирма во која оваа студентка е задолжена за содржината на социјалните мрежи и рекламните материјали ѝ ја дала скоро целата посакувана сума.

„Бев во добра позиција за преговори затоа што раководството на компанијата добро знае колку чини сѐ денес“, рече Тури за Ројтерс. „Тие знаат дека тоа не е сума што туку-така сум ја навела“.

Таа вели дека животот од плата до плата без пари за заштеда за неа не е опција на самиот почеток на животот како возрасна личност. Таа не сакала за Ројтерс да каже колкаво ѝ е новото покачување.

Двоцифрените зголемувања на платите во моменти на двоцифрена инфлација се нов предизвик за централните банки во Унгарија и Полска, каде што огромниот раст на каматните стапки досега не успеа да ја заузда инфлацијата.

Растот на платите во унгарскиот приватен сектор во првиот квартал на 2022 година ги надмина предвидувањата на централната банка, а некои аналитичари предвидуваат раст од 15 проценти на ниво на годината. Зголемувањето на платите во полскиот корпоративен сектор исто така ги надмина пазарните очекувања од почетокот на годинава.

Растот на минимална заработка, даночните олеснувања за оние што ја почнуваат кариерата и зголемувањата на платите во јавниот сектор во налетот на предизборното трошење, кои му помогнаа на премиерот Орбан да биде реизбран, го засилија предизвикот што го претставува инфлацијата во Унгарија.

Со зголемувањето на минималната заработка од вкупно 15% планирани за 2023 година, која е изборна година, Полска тргна по сличен пат, а одредени аналитичари тврдат дека спиралата на растот на цените и платите веќе се врти во најголемата економија во регионот.

„Тешко е да се тврди дека спиралата на раст на цените и платите не е веќе покрената во Полска и ние веруваме дека инфлацијата ќе се искачи над 15 проценти во текот на летото и ќе остане двоцифрена барем до вториот квартал следната година“, вели Лајам Пич од „Капитал економикс“.

„Полската комбинација на политики не е доволно остра за да ѝ олесни на економијата бидејќи построгата монетарна политика се спроведува бавно и е делумно нарушена од порелаксираната фискална политика“.

Шокот поради високите цени на храната носи ризик од преплетување на високата инфлација и очекувањата поврзани со заработката.

Во такви околности централните банки низ цела Европа вчера ги зголемија каматните стапки, а некои тоа го сторија до степен што ги шокираше пазарите, а навестија и нови зголемувања на трошоците на задолжување со цел да се скроти инфлацијата, која ги загрозува заштедите и профитот на компаниите.

„Влеговме во нова ера за централните банки, во која намалувањето на инфлацијата е нивна единствена цел, дури и по цена на финансиската стабилност и раст“, рече Џорџ Лагаријас, главен економист во компанијата Мазарс менаџмент.

Одлуката на европските централни банки за зголемување на каматните стапки следуваше само еден ден откако Европската централна банка на вонредна средба договори план за скротување на трошоците на задолжување во јужниот дел на блокот за да може да ги зголеми стапките во јули и септември.

По минатонеделното навестување на првото зголемување на стапката од 2011 година, претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард рече дека загриженоста во однос на инфлацијата во еврозоната „е основана“ и дека и покрај неодамнешното зголемување на платите, постои реален ризик од инфлациска спирала.

Платите во еврозоната исто така растат, но некои зголемувања се привремени бидејќи работодавците низ блокот порадо се одлучуваат за еднократни бонуси отколку за трајни зголемувања, наведува Ројтерс.

Централната банка на Унгарија неочекувано ја зголеми еднонеделната камата на депозитот за 50 базни поени на 7,35 проценти со цел да се бори против тврдоглавиот раст на инфлацијата.

Банрабас Вираг, заменик-гувернер на централната банка, рече дека ова зголемување не е последно и дека ќе го продолжи циклусот на раст на каматите со „предвидливи и одлучувачки чекори“ сè додека не види знаци на зауздување на инфлацијата, што би можело да се случи наесен.

Слабеењето на форинтата, која само оваа година падна за околу седум проценти во однос на еврото, исто така го поттикнува растот на инфлацијата.

Централната банка на Унгарија објави дека растот на платите во наредните месеци ќе биде еден од клучните фактори за утврдување на времетраењето и обемот на циклусот на заострување. Ова со текот на времето може да биде предизвик и во однос на конкурентноста.

Иако платите во Унгарија се значително под нивото на оние во Западна Европа, истражувањето спроведено од германската трговска комора покажа дека големото зголемување на платите ги загрижува германските компании што работат во Унгарија.

Германските фирми веќе го предвидуваат растот на платата во просек за скоро десет проценти оваа година, што е најголемо досега.

Мерцедес-Бенз рече дека од јули ќе ги зголеми платите во својата фабрика во Унгарија, додека конкурентската компанија Ауди изјави дека им ги зголемила платите на вработените во Унгарија за повеќе од една третина во изминатите три години.

Шандор Баја, генерален директор на компанијата за вработување Рандштад, верува дека флуктуацијата на вработените ја влошува ситуацијата со платите и дека вработените, поради недостиг од работна сила, добиваат значително поголема плата кога ќе преминат на ново работно место во друга компанија.

„Фактот дека околу 30 проценти од вработените тврдат дека сериозно размислуваат да ја сменат работата треба да предизвика страв кај работодавците“, рече тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе