Зборувајќи на виртуелното заседание на Светскиот економски форум, кој инаку традиционално се одржува во швајцарскиот ски-центар Давос, Си кажа дека глобалната економска перспектива и понатаму е неизвесна и предупреди дека вакви здравствени кризи можат да се повторат во иднина.
Си, на кого ова му беше прво обраќање на форумот од 2017 година, кога силно ги поддржа слободната трговија и глобализацијата, овој пат испрати слична порака, заговарајќи го мултилатерализмот како излез од сегашните предизвици.
„Би требало да изградиме отворена светска економија, да ги отфрлиме дискриминаторските и исклучивите стандарди, правила и системи и да ги урнеме бариерите во трговијата, инвестициите и размената на технологијата“, кажа тој.
„Групата Г20, меѓународниот форум во кој се 19-те најголеми развиени економии во светот и Европската Унија, би требало да се зајакне како главен форум за глобалното економско управување и светот би требало подобро да се координира во областа на макроекономската политика“, истакна првиот човек на Кина.
Со меѓународната заедница треба да се управува во согласност со правилата и врз основа на консензус на сите земји, а не една или неколку да издаваат наредни, заклучи Си не именувајќи ниедна земја конкретно.