Европскиот увоз на течен природен гас (ЛНГ) од Русија пораснал за околу 40 отсто за една година, бидејќи купувачи се трудат да го надоместат сè помалиот проток на руски природен гас преку гасоводите, пишува Блумберг.
Тоа е непријатен податок за 27-члениот блок, кој ги воведе строгите санкции против Кремљ за да го лиши од приходи за финансирање на војната во Украина, истакнува американската агенција.
ЕУ потрошила рекордни 12,5 милијарди евра (13 милијарди долари) на увоз на руски ЛНГ од јануари до септември 2022, што е пет пати повеќе во однос на претходната година.
Растечката побарувачка од земји како Франција и Белгија ѝ помогна на Русија оваа година да стане втор најголем снабдувач на северозападна Европа со течен природен гас. Иако по количеството на испораки Русија е далеку зад САД, го поминала Катар, покажуваат податоците за следење на бродовите и пристанишниот сообраќај.
Пред војната во Украина, гасот од Русија беше најголемиот европски извор на гориво. Бидејќи од тогаш се намалени испораките, регионот е приморан да ги зголеми набавките на ЛНГ од Русија и од целиот свет, за да има струја и да ги наполни резервите за зимата.
Од европските земји, само Британија и балтичките земји престанале да купуваат руски ЛНГ, наведува Блумберг.