Русија има најмногу докажани резерви на природен гас во светот и испорачуваше околу 651,3 милиони кубни метри дневно, од кои речиси 90 отсто во Европа. Половина од европските испораки одеа во Германија, Италија, Франција и Белорусија.
Минатата година руските компании дополнително ја отежнаа ситуацијата на европскиот пазар со намалени испораки во очекувањето на дозволата за Северен тек 2, кој требаше да ги удвои пратките на руски гас во Германија.
По нападот на Русија на Украина на крајот на февруари Берлин го блокираше проектот, а Европската Унија најави дека до 2030 сака да биде независна од рускиот гас. Европските земји сега се обидуваат да набават течен гас пред сè од САД, Алжир и Катар. Учесниците на конференцијата Серавик во Хјустон предупредија дека набавката на течен гас ќе биде тешка задача.
„Едноставно нема дополнителен ЛНГ кој би влегол во мрежата, би го решил недостигот од гас и би ги покрил потребите на Европа во следната година, а во Азија беше студено и нема алтернатива“, кажа основачот и извршен директор на Фрипорт ЛНГ Мајкл Смит.
Цената на природниот гас во САД континуирано расте во терминските договори, но е на ниво од 4,525 долари за милион британски термални единици, многу пониско отколку во Азија каде што е 38,97 долари и во Европа каде што достигна 48 долари.
„Јасно е дека проблемот на Европа е всушност недостигот од гас, а не нафта“, кажа на конференцијата министерот за нафта на Екваторијална Гвинеја Габриел Обијанг Лима. Речиси комплетниот американски извоз на ЛНГ, околу 356,8 милиони кубни метри дневно, во моментов е насочен кон Европа и Азија.
Европа сепак нема доволно терминали за прием на ЛНГ, а нивната изградба трае со години. По неколкуте години развој, изградбата на нови погони успори во последните три години.
Ендрју Вокер, потпретседател на Чениер, најголемиот извозник на американски ЛНГ, кажа дека кризата во Европа ја открива потребата за поголем број долгорочни договори за набавка за да се обезбеди сигурно снабдување на пратки во преминувањето на обновливи извори на енергија. Купувачите пред две години не сакаа да потпишуваат долгорочни договори бидејќи цените на гасот тогаш беа на историско ниско ниво, пишува Ројтерс.