„Пред нас е период на неизвесност“

Заврши самитот на Г7: Што е со заштитата на климата?

Залудно се бараат некој голем политички напредок и значителни подобрувања во завршното соопштение од самитот. Сѐ само ситници и некои меѓучекори, вели Дојче веле.

Фото: ЕПА

На последниот ден од самитот Г7, топлината и сонцето исчезнаа, а темни облаци се надвиснаа над импозантниот планински пејзаж околу замокот Елмау. Тоа беше адекватна заднина за зборовите на германскиот канцелар. „Пред нас е период на неизвесност“, рече Олаф Шолц, мислејќи на војната во Украина и нејзините последици. „Не сме во позиција да го предвидиме крајот.“

Тоа е „долг пат“ на кој мора да бидеме подготвени, а кој ќе има последици за сите и за сѐ, рече Шолц. И тоа е еден од резултатите на самитот на Г7 под германско претседавање.

Канцеларот зборуваше за „интензивни и мошне конструктивни“ денови и уште еднаш посочи дека тоа е „важен самит во едно посебно време“. Тој зборуваше за шефовите на држави и влади на седумте големи индустриски нации како за „блиски пријатели и сојузници“, кои од самитот испратиле сигнал на единство.

Но залудно се бараат некој голем политички напредок и значителни подобрувања во завршното соопштение од самитот. Сѐ само ситници и некои меѓучекори.

Ова првенствено се однесува на заштитата на климата, која се појавува дури на дното на соопштението на втората страница од листата на „клучните предизвици на нашето време“. Пред тоа се зборуваше за осудата на Русија, поддршката за Украина, санкциите против Русија, светската економија, снабдувањето со енергија и глобалната безбедност во снабдувањето со храна.

Количествата житарки од Русија и Украина на светскиот пазар се значително намалени поради војната. Повеќе од 800 милиони луѓе низ светот се изложени на акутен ризик од глад. Седумте големи индустриски развиени земји најавија собирање средства од 4,5 милијарди американски долари за да се обезбедат резерви на храна - иако хронично недоволно финансираната Светска програма за храна (ФАО) ги проценува своите тековни дополнителни потреби на околу 28 милијарди долари.

Хуманитарната организација „Оксфам“ оценува дека финансиската помош што ја ветија лидерите на Г7 е премала за да ѝ се стави крај на светската криза со храна. „Заклучоците од самитот во Елмау се произведување магла за да се оттргне вниманието од историскиот неуспех на Г7.“ За секој долар помош доаѓаат два долари што сиромашните земји треба да им ги платат на кредиторите. „Г7 требаше да се согласи да го поништи тој долг, но такво нешто не се случи“, критикуваше Оксфам.

Малку се случи и во однос на заштитата на климата. Германија сакаше да ја стави борбата против глобалното загревање во фокусот на самитот во Елмау. Една од целите беше да се формира „климатски клуб“ за оние што сакаат да учествуваат во него. Ова е идеја што Олаф Шолц ја разви додека беше министер за финансии на Германија. Емисиите на стакленички гасови треба да се намалат врз основа на заеднички стандарди, така што на индустријата повеќе да не ѝ се исплаќа да го преместува производството таму каде што регулативите се поблаги. Би била важна блиската соработка меѓу индустриските земји и земјите во развој.

Сепак, Г7 го одложи формирањето на „климатскиот клуб“ за до крајот на 2022 година, а министрите треба да ги разработат деталите. Се смета дека е успех веќе и тоа што САД воопшто го одобрија планот.

Сè уште не е одреден конечен датум за прекин на употребата на јаглен, што е „отрезнувачки“, вели Фридерике Мајстер од организацијата „Глобални граѓани“. Мора да се признае, утешно е што лидерите на Г7 не го поништија договорот од Глазгов за прекин на финансирањето на фосилните горива во странство. Сепак, со оглед на енергетската криза, Мајстер стравува дека Г7 би можела да се одлучи за „кратковидни инвестиции во гас, наместо за обновливи извори на енергија“.

Водачите на Г7 рекоа дека „постепено ќе ја прекинеме зависноста од руската енергија без да ги загрозиме нашите климатски и еколошки цели“, но Африка, на пример, сè уште има многу неискористен гас. Сенегал веќе би можел да испорачува поголеми количества течен ЛНГ-гас, а веќе се водат разговори за отворање ново наоѓалиште на природен гас на западноафриканскиот брег.

Сенегал, кој моментално претседава со Африканската унија, беше една од петте партнерски земји поканети на самитот. Г7 помина половина ден презентирајќи го својот светоглед пред шефовите на држави и влади на Аргентина, Индија, Индонезија, Сенегал и Јужна Африка. Ниту една од овие земји не ги поддржува санкциите против Русија, а Г7 се надеваше дека може да сменат нешто таму - но таа надеж не се оствари.

На крај, беше прилично завиено кажано дека испраќаат „заеднички сигнал за зајакнување на отпорните демократии“ и „ја потврдуваат важноста на блиската соработка меѓу глобалните демократии и меѓународниот поредок заснован на правила“. Веројатно не беше можно ништо повеќе.

Германскиот канцелар од самитот на Г7 полета директно до самитот на НАТО во Мадрид. И таму војната во Украина ќе биде тема број еден. Облаците се задржаа над замокот Елмау, стануваа сѐ помрачни и на крај падна силен дожд. Времето не можеше да биде посимболично.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Работите во Македонија забегаа до тој степен што за нив мора да се пишува отворено, „револуционерно“.

повеќе

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе