Западот се тероризира себеси

Од 11 септември завладеа културата на страв и ранливост.

Фото: ЕПА

Западните влади тврдат дека биле „изненадени“ од обемот и темпото на преземањето на талибанците во Авганистан. Тоа е познат рефрен. По 11 септември, западните влади изразија слично несфаќање. И, како што прават денес, тие исто така вината ја префрлија на разузнавачките грешки.

Можеби и има некое оправдување за неуспехот да се предвиди нападот врз кулите-близначки од терористите на Ал каеда во септември 2001 година. Тоа не може да се каже за неуспехот да се предвиди брзиот колапс на авганистанската влада или брзата победа на талибанците, вели Френк Фуреди за Спајкд. И ужасното расплетување на 20-годишното воено присуство на Западот во Авганистан беше премногу предвидливо. Тоа беше интервенција во целост обележана со конфузија, неспособност и недостиг од јасна цел.

Гледајќи наназад на настаните во изминатите 20 години - од 11 септември до серијата погрешно замислени и трагични воени интервенции во Авганистан, Ирак, Либија и Сирија - примамливо е да се донесе заклучок дека Западот не научил ништо. Сѐ уште изгледа неспособен да ја разбере заканата со која се соочува. И сѐ уште вината за овој свој недостиг од разбирање ја префрла на разузнавачки грешки.

Но ова неразбирање не е разузнавачка грешка. Тоа несфаќање на значењето и природата на заканата со која се соочува општеството. Бидејќи оваа закана не произлегува однадвор, туку однатре - од зголеменото чувство на немоќ и губењето насока на западното општество.

Ранливата Америка

Ова несфаќање на природата на заканата кон Западот најдобро го изрази претседателот Буш веднаш по нападите на 11 септември. „Зошто нѐ мразат?“, праша тој. Една година подоцна Буш ја опиша својата нација како ранливата Америка.

Тој не требаше да го образложи своето тврдење дека, по 11 септември, „Америка ја почувствува својата ранливост“. Неговата публика веќе го препозна она што тој го изговори - имено, несигурноста и стравот што долго време демнат во американската психа. Нападите од 11 септември само им го покажаа на многу луѓе она што тие веќе го чувствуваа - дека се немоќни пред заканите.

Бушовата формулација за „ранливата Америка“ беше историски значајна. Свесно ја претвори ранливоста во дефинирачка карактеристика на американскиот идентитет. Стратегијата за национална безбедност на Соединетите Американски Држави од 2002 година беше изградена врз основа на тоа. Во неа се наведува дека „карактеристиките што најмногу ги негуваме - нашата слобода, нашите градови, нашите системи на движење и модерниот живот - се ранливи на тероризам“.

„Оваа ранливост“, продолжува, „ќе опстојува долго откако ќе ги изведеме пред лицето на правдата одговорните за нападите на 11 септември“. Да се биде ранлив, се заклучува, „е нова животна состојба“.

„Ранливоста е нова животна состојба.“ Ова беше значајна изјава. Декларацијата дека ранливоста ќе трае „долго откако ќе ги изведеме пред лицето на правдата оние што се одговорни за нападите на 11 септември“, всушност, вели дека Американците сега се во постојан ризик.

И навистина, во текот на 2000-тите стана јасно дека ранливоста е трансформирана во состојба што постои независно од каква било специфична закана, терористичка или друга. Како што изјави новинарот на Си-ен-ен во 2007 година, ние сме „во центарот на вниманието на скриените терористи и бесот на природата“.

Ова чувство дека сме секогаш ранливи има огромно влијание врз западниот свет. Тоа поттикна моќно чувство на фатализам. Чувството на ранливост го поткрепува нашиот пристап кон секој неочекуван или деструктивен настан, од ковидот до климатските промени. И, исто така, го оправдува неуспехот на владите да се справат со предизвиците со кои се соочуваме. На крајот на краиштата, владее мислата, што всушност можат да направат нашите лидери, со оглед на нашата ранливост?

Ова чувство да се биде засекогаш во ризик беше најразбирливо искажано од Том Риџ, поранешен секретар за внатрешна безбедност, во јули 2002 година. „Терористичката закана за Америка има многу форми, има многу места за криење и често е невидлива“, рече тој. „Сепак, потребата за подобрена домашна безбедност не е поврзана само со денешната терористичка закана. Таа е поврзана со нашата трајна ранливост“.

Тука, ранливоста се гледа дека опстојува дури и откако ќе се елиминираат специфичните закани - таа е „вечна“. Ова означува постојана состојба на несигурност. Ваквите изјави не се само дефетистички - тие служат како покана за тероризам.

Риџ исто така навести нешто друго. Луѓето сега се чувствуваат ранливи. Тие постоеја и го доживуваа светот како ранливи суштества. По 11 септември, значи, ранливоста стана суштински дел од самоидентитетот на поединците.

Новата нормалност

Терминот „нова нормалност“ се однесува на наводната неможност општеството да се врати во нормала по пандемијата на ковид. Самиот термин не се користеше по 11 септември, но чувството што го поткрепува секако беше присутно. 11 септември беше „денот што промени сѐ“. Насловите прогласија дека „Никогаш нема да биде исто“.

Се разбира, тоа не беше пресвртната точка - многу од трендовите што станаа видливи по 11 септември, од зголеменото чувство на фатализам до интензивното избегнување ризици, долго беа во подготовка.

Но идејата дека еден терористички чин променил сѐ секако беше влијателна. Како што видовме, 11 септември навидум ја откри вистината за „трајната ранливост“ на Западот - и немаше враќање назад.

Денешната идеја за Новата нормалност се надоврзува на овој фатализам. Исто како што по 11 септември, наводно, секогаш бевме под ризик од терористички напади, по ковид, наводно, секогаш сме под ризик од вирусни напади и нови пандемии. Во очите на застапниците на Новата нормалност, вистината за ранливоста и немоќта на човештвото е дополнително разоткриена од ковидот.

Ова не е единствениот начин на кој 11 септември го отвори патот за реакција на ковид. Исто така, се роди идејата дека сега се соочуваме со закана без крај. Ова беше првпат проектирано во 2004 година, кога „војната против теророт“ беше ребрендирана во „долга војна“ од Џон Абизаид, генерал на американската армија. Во 2006 година, Буш изјави дека „нашата генерација е во долга војна против еден одлучен непријател“.

Оваа идеја за војна без крај е централна за идејата за Новата нормалност што ја донесе ковидот. Оттука, нејзините застапници велат дека најверојатно вечно ќе живееме во сенката на овој вирус. Затоа, нашата единствена опција е да го избегнуваме ризикот и да се обидеме да останеме безбедни.

Но постои една клучна разлика помеѓу наративот за 11 септември и наративот за Новата нормала. Оние што сметаа дека 11 септември ја открил нашата ранливост не го славеа тоа. Идејата за нашата трајна ранливост тие ја гледаа како повод за жалење.

За поборниците на Новата нормала е поинаку. Тие ја слават идејата за нашата ранливост. Навистина, тие реорганизацијата на општествениот живот околу ризиците што ги носи ковидот ја сметаат за нешто прилично доблесно.

Ова покажува дека, во текот на изминатите две децении, ставот на западното општество кон идејата за ранливост се променил. Можеби ранливоста беше прогласена по 11 септември, но дури во последниве години ентузијастички беше прифатена како нешто позитивно.

Историска амнезија

Во последниве години, креаторите на политики и коментаторите толку се навикнаа да ја нормализираат заканата од тероризам, што сега ја гледаат насекаде. И тоа ги натера да го заборават или избришат вистинското значење на 11 септември како терористичко злосторство.

Денес, многубројни акти на насилство - дури и кога не се политички мотивирани - рутински се претставуваат како терористички акти. Пукачите во училиштата или убијците „инцели“ сега заедно со милитантните џихадисти се категоризираат како терористи. Исто така, има зголемен напор од страна на нашите елити да ги обојат десничарските активисти како терористи.

Еден коментатор во Вашингтон пост дури го спореди немирот на Капитол Хил претходно оваа година со 11 септември. „Се надевав дека никогаш повеќе нема да доживеам слична реакција во утробата на некоја национална трагедија“, напиша тој, „но скоро 20 години подоцна истите тие болни емоции ме совладаа додека го гледав упадот во американски Капитол на 6 јануари“.

Пишувајќи за УСА тудеј, Дејвид Мастио тврди дека, од немирите на Капитол Хил, републиканците се „поголема закана од киднаперите на 11 септември“. Тој го занемарува најлошото терористичко злосторство во историјата тврдејќи дека „како што терористите од 11 септември сакаа да ја урнат американската демократија во 2001 година, така и терористите од 6 јануари сакаат да ја урнат нашата демократија, дури и додека се претставуваат како нејзини бранители.“

Делумно, оваа спремност толпата разбојници што предизвикаа хаос во Капитол да се прикажат како закана споредлива со онаа на напаѓачите од 11 септември е мотивирана од партиско-политичка лојалност. Како и да е, тоа ја нормализира и значително ја минимизира исклучителната природа на 11 септември.

Споредбата едноставно не држи. Насилните сцени на Капитол Хил не беа намерно терористички. Тие беа исход на гневните демонстрации што излегоа од контрола. Неодамнешниот извештај на ФБИ за немирите најде слаби докази дека бил координиран. Нападите од 11 септември беа од сосема поинаква природа. Тие беа внимателно испланирани и спроведени од посветена терористичка ќелија.

Да се изедначи однесувањето на толпата што ја нападна зградата на Капитол со џихадистите што го нападнаа Светскиот трговски центар зборува дека се загубила перспективата. Тоа покажува дека, за некои, разгорувањето политички конфликт што татне во општеството е споредливо со терористички чин во кој загинаа 3.000 луѓе.

Се чини дека поради опсесијата со културните војни на Америка многумина заборавија како всушност изгледаше 11 септември. Треба да го поправиме ова. Зашто, само ако се справите со трагичните настани од 11 септември и културните и политичките промени што тие ги навестија, можеме да се ослободиме од едно од нивните најштетни наследства - културата на страв и ранливост.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе