Војната во Украина пламти, но и лажните вести, фотографии и снимки: дезинформациите и натаму вирални

Руската инвазија на Украина доведе до појава на многу лажни снимки и погрешни фотографии на социјалните мрежи, тврдејќи дека потекнуваат од актуелниот конфликт.

Фото: ЕПА

На седмиот ден по почетокот на руската инвазија на Украина, лажните или снимките што доведуваат до заблуда за инвазијата продолжуваат да стануваат вирални.

Меѓу работите што многу брзо се шират се старите снимки што се претставуваат како актуелни - заедно со тврдењата дека сликите како оваа подолу се стари, дури и кога е потврдено дека потекнуваат од актуелниот конфликт.

Лажни тврдења за „кризната актерка“

На интернет почнаа да кружат тврдења дека сликите и снимките од уништувањето на станбена зграда во Чухујево, во источна Украина, всушност потекнуваат од четвртокот од експлозија на гас во рускиот град Магнитогорск.

Некои тврдеа дека сликата на раскрвавената жена е на фотографија од 2018 година или дека жената е „кризна актерка“ - некој ангажиран да одглуми сцени на напад.

Овие тврдења - кои потекнуваат од различни проруски профили и теории на заговор - се лажни.

Жената е Олена Курило, 52-годишна учителка од Чухујево, а фотографијата е направена на 24 февруари, денот кога почнаа нападите. Курило беше повредена во руски воздушен напад што го погоди источниот град Чугуев, а нејзиниот дом беше целосно уништен. Таа била првата личност што фотографот Волфганг Шван ја видел кога пристигнал на местото.

„Проектилот остави кратер широк шест метри“, рече фотографот. „Отидовме до него и тогаш ја видовме Олена. Одеше со подигнати раце, многу дезориентирана; сигурен сум дека добила потрес на мозокот. Ја фотографиравме додека ја прашувавме како се вика“.

Иако на прв поглед имаат одредена површинска сличност, сликите од експлозијата на гас од Магнитогорск од 2018 година не се совпаѓаат со сликите од пожарот во Харков од четвртокот.

Во четвртокот рано наутро, Службата за итни случаи на Украина имаше објава на Фејсбук, во која се вели дека биле информирани дека „непријателскиот оган“ резултирал со смрт на едно дете и неколку ранети.

Новинар од местото на настанот објави видео на кое се гледаат последиците од огнот, а други извори, меѓу кои и фоторепортери од местото на настанот, објавија слики од истиот настан на социјалните мрежи.

Двајца фотографи ја фотографираа Олена, а некои од тие фотографии се појавија на веб-страниците и насловните страници на весниците низ целиот свет во текот на викендот.

Двајцата фотографи потврдија дека сликите се направени на 24 февруари - факт што дополнително беше потврден со метаподатоците на сликите, кои го покажуваат истиот датум на создавање.

Девојчето што му се спротивставува на војникот не е Украинка

Сепак, некои други фотографии и видеа објавени во последните денови не го покажуваат она што некои луѓе тврдат дека го опишуваат.

Нејасното видео за кое се тврди дека прикажува украинско девојче како му се спротивставува на руски војник има 12 милиони прегледи на Тикток и речиси милион прегледи на Твитер.

Но на него всушност е Палестинката Ахед Тамими, 11-годишна во тоа време, која му се противи на израелски војник откако нејзиниот брат беше уапсен во 2012 година.

Твитер го означи видеото како „надвор од контекст“, но тоа и понатаму добива голем број прегледи на Тикток.

Борба со молотови коктели во Киев

Различни верзии на видеоснимка за која се тврди дека прикажува жители на Киев како се борат со руската моторизирана пешадија со молотови коктели станаа вирални на многу платформи во текот на викендот.

Снимката наведе многу корисници на социјалните мрежи да поверуваат дека прикажува конфликти меѓу украинските граѓани и руските сили, а ја споделија и двајца британски пратеници.

Но тоа видео е старо.

Направено е за време на протестите на Евромајдан во 2014 година, кои доведоа до соборување на тогашниот украински претседател Виктор Јанукович.

Инсерт од видеоигра станува вирален

Драматично видео на кое се чини дека украински пилот соборува руски борбен ловец беше твитуван од Некст ТВ, белоруска медиумска куќа што стана главен извор на снимки од антивладините протести во Белорусија по спорните претседателски избори во 2020 година.

На видеото се гледа ловецот во пламен, по што се слуша звук на огромна експлозија - и тоа е прегледано речиси милион пати.

Сепак, тој не е реален.

Станува збор за инсерт од видеоиграта Арма 3 и нема никаква врска со војната во Украина.

Дали украински деца ги испраќале војниците?

Сликата на која се прикажани две деца што испраќаат конвој украински сили во битка, доби милиони интеракции - лајкови и споделувања.

Меѓу другите, беше твитувана и од американскиот конгресмен Адам Кинцингер и од поранешниот шведски премиер Карл Билт.

Но таа слика е стара - првпат беше објавена во 2016 година.

Ја направил фотограф за украинското Министерство за одбрана, кој подоцна бил отпуштен по обвинувањата дека инсценирал некои од своите слики од борбата.

Градоначалникот на Киев на линијата на фронтот

Фотографија на градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, стана вирална на Инстаграм - се тврдеше дека го прикажува на првата линија на фронтот.

Но уште еднаш, таа фотографија е стара - првпат беше објавена на Инстаграм од самиот Кличко во март 2021 година од посетата на тренинг центарот „Десна“ во регионот Чернихив.

И покрај оваа слика што доведува до заблуда, точно е дека Кличко го брани главниот град рамо до рамо со украинските војници за време на конфликтот.

Дали Зеленски пиел чај со украинските сили?

Видеото за кое се тврди дека го прикажува украинскиот претседател Владимир Зеленски во воена униформа како го подига моралот на украинските сили пиејќи чај со нив на бојното поле, доби речиси три милиони прегледи во текот на викендот.

Видеото е автентично, но е снимено пред една недела, пред да почне инвазијата.

Снимен е во Широкин, кога претседателот Зеленски ги посети војниците на фронтот за да им изрази поддршка на војниците.

Во меѓувреме, профил на Телеграм со името на Зеленски привлече внимание во текот на викендот, објавувајќи пораки во кои се повикуваат украинските сили да го фрлат оружјето и да се предадат.

Но тоа беше лажно.

Зеленски има проверен канал на Телеграм и за време на конфликтот ѝ се обраќа на нацијата со кратки видеа објавени на неговите проверени социјални профили.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Па како што велеле НЕ моите омилени македонски преродбеници од 19 век, и јас ќе кажам НЕ на овој предлог.

повеќе

Се докажува дека ЕУ интеграцијата е дијалектички процес, кој е подложен на динамика и на противтежни сили, процес кој нема да се одвива стабилно, автоматски и линеарно.

повеќе

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе