Војната во Украина нема наскоро да заврши: фронтот се сели кон Доњецк

Во средината на јуни Американскиот институт за воени истражувања, повикувајќи се на информации од украинските служби, објави дека Москва подготвила план за следните 120 дена од војната - до октомври.

Фото: ЕПА

Воените аналитичари се обидуваат да погледнат во кристална кугла, прашувајќи се кога и како ќе заврши војната во Украина. Ако им се верува на најавите на Киев и Москва, и на процените што најчесто се слушаат - тоа нема да се случи многу скоро.

Руските сили го освоија целиот регион Луганск, а сега фронтот се движи кон Доњецк. Таа метропола, центар на самопрогласената „народна република“, веќе осум години е на нишан на украинската артилерија стационирана во околните градови. Целта на руската страна е да ги опколи и да ги остави во т.н. котел.

Од успехот на тој руски потфат зависи и тоа како понатаму ќе се одвива војната, убедени се во Киев.

Од друга страна, аналитичарите се претпазливи во однос на процените, особено што многумина од нив згрешија во предвидувањето експресен пад на Киев и пораз на Украина во почетокот на војната.

Ќе се војува барем до зимата?

Во средината на јуни, Американскиот институт за воени истражувања, повикувајќи се на информации од украинските служби, објави дека Москва подготвила план за следните 120 дена од војната - до октомври.

Како што забележува дописничката на германскиот јавен сервис од Москва, од почетокот на агресијата, Кремљ секогаш го дава истиот одговор на прашањето до кога ќе продолжи војната. „Сѐ оди според планот“, велат тие, дури и кога е очигледно дека плановите се менуваат.

Неодамна претседателот Владимир Путин изјави дека нема потреба да се зборува за рокови. Наместо тоа, како „крајна цел“ тој го наведе „ослободувањето“ на Донбас, заштитата на луѓето што живеат таму и гаранциите за безбедноста на Русија што се бараат директно од Западот и НАТО.

Од друга страна, од Киев неодамна можеа да се слушнат спротивставени толкувања. За време на самитот на Г7, претседателот Володимир Зеленски изрази надеж дека војната може да заврши до крајот на годината. Како што рече, за него завршување на војната по секоја цена не доаѓа предвид, но сака да влезе во „супериорна позиција“ на фронтот од која би преговарал со Путин.

Шефот на воената разузнавачка служба Кирило Буданов, пак, рече дека Украина има намера да ги врати сите територии, вклучително и Крим и Донбас, веќе следната година.

И западните политичари очекуваат подолга војна

„Мислам дека сѐ уште сме далеку од некој вид замрзнат конфликт“, изјави за Дојче веле (ДВ) Домитила Саграмосо, експерт за руска безбедносна политика од Кралскиот колеџ во Лондон.

„Во моментов нема преговори ниту за прекин на огнот. Ниту една страна не е подготвена да се откаже од територијата што ја загубила или макотрпно ја освоила“, додава таа.

За долга војна зборуваа и американскиот претседател Џозеф Бајден и британскиот премиер Борис Џонсон.

Вториов во авторски текст за Тајмс во средината на јуни напиша дека претходните неуспеси на Путин да го заземе Донбас „не значат дека тој ќе има мудрост да се повлече“.

„Се плашам дека ќе мора да се подготвиме за долга војна бидејќи Путин води кампања на изнудување, обидувајќи се да ја совлада Украина со чиста бруталност“, напиша Џонсон.

Германскиот канцелар Олаф Шолц пред неколку дена едноставно рече: „Не сме во ситуација да го гледаме крајот (на војната).

Битката ќе ги исцрпи двете страни

Во анализата што во почетокот на јуни ја објави германскиот јавен сервис ЗДФ, се наведува дека Путин би можел да биде подготвен за преговори кога ќе го окупира целиот Донбас. Се додава дека тоа е минималната цел на Русија, бидејќи Москва како увертира за војната штотуку призна две самопрогласени републики.

„За жал, изгледа малку реално дека Украина може да ги врати сите територии изгубени од 2014 година – дури ни оние изгубени од февруари оваа година“, се вели во анализата потпишана од двајца истражувачи на Германското друштво за надворешна политика.

„Но, за среќа, подеднакво е нереално Русија да може целосно да ја победи Украина. Без масовна мобилизација, Русија нема доволно пешадија за по летото да продолжи со сегашните борби со висок интензитет“, се наведува во анализата.

„Затоа, по завршувањето на битката за Донбас, и во интерес на Москва ќе биде да се стреми кон некаков вид смирување. Дотогаш украинската армија ќе биде десеткувана, инфраструктурата ќе биде уништена, општеството ќе биде исцрпено, економијата ќе биде на западно вештачко дишење. Тоа ќе биде моментот кога ќе може да се постигне прекин на огнот, кој во голема мера се потпира на територијалното статус кво“, велат истражувачите.

Сепак, тие додаваат дека тоа не значи конечен мир бидејќи Украина тешко може да потпише трајна загуба на голем дел од земјата, дури и ако Русија е спремна да ги напушти јужните региони на Украина што не спаѓаат во Донбас.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Безбедноста, енергијата и миграцијата се три приоритети со најголема важност за британските граѓани, така што тие се на и на самиот врв на мојата агенда. Затоа патувам за Прага на средбата со европските лидери.

повеќе

Камбаните бијат поради нашата некадарна дипломатија, која е професионално  одговорна за дебаклот со Договорот со Бугарија, а пред тоа за Преспанскиот договор.

повеќе

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе