Германија и коронавирусот

Во Хамбург хеликоптер бркал луѓе од парк, во Дизелдорф казни за седење на клупа (ВИДЕО)

Градската управа на Дизелдорф донесе одлука со која на главните шеталишта во градот и по текот на реката Рајна им се забранува на граѓаните да се задржуваат на едно место. За оваа мерка пишува и политичкиот магазин Шпигл.

Фото: ЕПА

Со доаѓањето на сончевите денови, популарното шеталиште на Рајна во Дизелдорф го преплавија илјадници луѓе, кои шетаат крај реката или седат уживајќи во сонцето. Но градската управа, со оглед на неможноста да се придржуваат до правилата за физичка оддалеченост, одлучи да им забрани на граѓаните да се задржуваат на едно место. Забраната ќе остане во сила до 14 март. Така, минатиот викенд пешаците на Рајна, кои ќе застанеа да пијат кафе, да каснат нешто или кои планирале пикник на околните тревници, беа повикувани преку мегафон да продолжат понатаму, пренесува Дојче веле.

„Од звучникот на комбито на комуналните редари одекнува строг машки глас, кој вели: 'Без задржување!' Оваа служба заедно со полицијата го следи придржувањето до новите правила, чие непочитување претставува кршење на јавниот ред и мир. Со други зборови: ако седнете на клупа да јадете сладолед, ако едноставно застанете и уживате во погледот кон небото, ризикувате казна од 50 евра“, пишува Шпигл.

Еден германски државјанин се обиде да го спречи спроведувањето на забраната со поднесување итна тужба. Но во петокот попладне Управниот суд ја отфрли неговата тужба. Судот во изјавата рече дека „здравјето на населението е поважно од приватните интереси на тужителот“.

Шпигл пишува и дека други германски градови испратиле голем број полицајци и комунални службеници на терен за да следат дали граѓаните користат заштитни маски на отворено. Така, во Хамбург, полициски хеликоптер кружел над паркот Алстер, со цел да се спречат поголеми собири на луѓе.

Во тој град во петокот имаше и голема потера, во стилот на холивудските акциони филмови. Едно момче ги гушнало пријателите и се поздравило со нив во моментот кога тука минувала полициска патрола. Кога полицајците се обиделе да го идентификуваат, младиот човек почнал да бега.

Полицијата тргнала во потера по него со полицискиот автомобил и - како што покажува видеото од мобилен телефон на случаен минувач - за малку ќе го прегазела.

Најновите мерки во Дизелдорф не се без ефект. Изминатиот викенд, и покрај убавото сончево време, имаше помалку луѓе на шеталиштето покрај Рајна од вообичаеното. Но „се чини дека прифаќањето на ваквите мерки драматично опаѓа“, пишува Шпигл, истакнувајќи дека на интернет сѐ повеќе луѓе ги исмеваат овие прописи. Една млада мајка, која седела на клупа со своето дете во скут, е цитирана како вели дека „ја преминаа границата, дури и оние што се подготвени да ги поддржат мерките го имаат тоа чувство“.

Веднаш штом таа седна, продолжува Шпигл, двајца комунални редари љубезно ја замолија да стане и да продолжи понатаму, забележувајќи: „Денес ќе ви дадеме само опомена“. Мајката послушно станува, а петгодишниот син ја прашува: „Направивме нешто лошо?“ Во написот се наведува дека само тврдоглавите треба да платат казна од 50 евра.

Шпигл наведува и низа други апсурдни ситуации со кои се соочуваат луѓето што излегле на чист воздух. Така, едно четиричлено семејство, кое седнало на клупа и отворило хартиена кеса со брза храна, веднаш добило предупредување. „Јадењето без маска е дозволено, но само додека шетате“, цитира Шпигл еден полицаец. Семејството станало, почекало да замине патролата и потоа повторно седнало. Ваквата практика била вообичаена минатата сабота во Дизелдорф.

Шпигл наведува дека овие мерки на сите им се преку глава, особено на сопствениците на ресторани. Еден гастроном, кој им продава пиво на минувачите, верува дека проблемот може да се реши со воведување на т.н. „еднонасочни улици за пешаци“.

Друга жена, Фадиме Спира, ја прашува полицијата дали може да отвори свој минибар за да продава пијалаци на улица затоа што може да се направи редица, но добива одговор дека стоењето во редица е изземено од правилото за незадржување на едно место. Петнаесет лица, со маски со натпис: „Ангела Меркел мора да си замине“, се собраа на протест. И пред да почне, протестот беше прекинат. Томас (43) верува дека сега станува збор за лов на луѓе што само сакаат да излезат на свеж воздух. Тој се прашува кој воопшто може да ги сфати овие мерки и вели дека ќе оди на прошетка од другата страна на Рајна - каде што нема контроли.

Но има и такви што ги поддржуваат мерките. „Многу луѓе се едноставно неразумни“, вели 61-годишна жена што излегла на прошетка со сопругот. А, за забуната да биде поголема, од мегафонот на службениот автомобил што кружи низ Дизелдорф одекнува дека граѓаните мора да се придржуваат до мерките за заштита од „таканаречениот коронавирус“. „Тоа е формулација што отприлика звучи така што кај минувачите буди сомнеж дека и јавните редари се сомневаат во постоењето на вирусот“, вели Шпигл.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе