Тепачки во борбата против коронавирусот

Владите грабаат, запленуваат, блокираат и праќаат шпиони за да се дограбат до залихи заштитна опрема

Како што се влошува кризата, владите не избираат средства да се дограбат до залихи во борбата против коронавирусот. Тактиките се движат од блокирање на извозот на медицинска опрема до испраќање шпиони да најдат комплети за тестирање.

На Сан Марино му биле итно потребни заштитни маски. Малата република, која се наоѓа покрај два италијански региони тешко погодени од епидемијата на ковид-19, до 11 март имаше 11 смртни случаи, што не е малку за држава од само 33.000 жители. Властите му ги платиле парите на снабдувачот од Лугано, Швајцарија, за половина милион маски, кои ќе ги поделеле со италијанските соседи.

Камионот следниот ден се вратил празен. Компанијата одбила да ги испрати маските, раскажа д-р Габриеле Риналди, директор на здравствената управа на Сан Марино.

„Тоа беше многу горчлива лекција.“

Не е јасно дали добавувачот ја откажал испораката затоа што друг клиент му понудил повеќе.

Ова е само еден пример што покажува дека како што се влошува кризата, владите не избираат средства да се дограбат до залихи во борбата против коронавирусот. Тактиките се движат од блокирање на извозот на медицинска опрема до испраќање шпиони да најдат комплети за тестирање.

Здравствен службеник во тешко погодениот источен дел на Франција изјави дека американски официјални лица упаднале на кинески аеродром и однеле пратка маски нарачани од Франција.

Маските биле во авион на аеродромот во Шангај, кој бил подготвен за полетување кога американските купувачи се појавиле и понудиле повеќе.

„Американците вадат кеш од џеб и плаќаат маски три до четири пати повеќе од нас, така што навистина мора да се бориме“, изјавил за РТЛ д-р Жан Ротнер од градот Милуз.

Американската амбасада во Париз завчера соопшти дека никој од сојузната влада не купил маски наменети за Франција.

Главниот службеник за безбедност во Берлин, Андреас Гејзел, завчера го обвини Вашингтон дека ги користи „методите на Дивиот Запад“ откако испораката на стотици илјади маски наменети за полицијата во Берлин биле пренасочени во САД додека биле на пат од Кина. Германските медиуми објавија дека тоа се случило додека маските биле префрлани од авион во авион на Тајланд.

Стравувајќи од недостиг и оптовареност на здравствените системи, некои држави складираат маски и заштитна облека, ограничувајќи го извозот на медицинска опрема.

Турција, наводно, отишла и подалеку и не само што забранила извоз на заштитна опрема, туку и ја запрела продажбата на маските за кои веќе добила пари.

Белгискиот весник Соар и италијанскиот Кориере дела сера објавија дека маските што двете земји ги нарачале од Турција никогаш не пристигнале.

Според неделникот Експрес, на 5 март Франција на својата територија запленила маски што ѝ припаѓале на шведската компанија Мелнлике, а биле наменети за Шпанија и Италија.

Министерот за внатрешни работи на ЕУ, Тиери Бретон, рече дека е постигнат напредок во врска со извозот на медицинска опрема од Франција, Германија и некои други земји и дека забраната во моментов е во сила само во Полска и Словачка.

Во меѓувреме, Шпанија и Италија преземаат чекори за ограничување на протекот на залихи.

Шпанскиот министер за здравство, Салвадор Иља, рече дека кинескиот пазар на медицински материјали е „луд“. Италија и Шпанија користат авиони за да ги донесат маските и респираторите од Кина и од други земји за да го сведат на минимум ризикот трета земја да ја пренасочи пратката.

САД преку воздушен пат префрлуваат и залихи како што се термометри, одела, маски и ракавици, пред сè од Азија и од Централна Америка.

Министерот за здравство на Чешка, Томас Петричек, минатиот месец ѝ се извини на Италија, велејќи дека ѝ испратиле 110.000 маски и илјадници респиратори за да им ги надоместат оние што биле по грешка запленети во магацин во чешкиот град Ловосице.

Опремата кинескиот Црвен крст ѝ ја донираше на кинеската заедница во Италија.

Тунис неодамна ја обвини Италија дека блокирала пратка алкохол што се користи за производство на гел за миење раце. Министерот за трговија, Мухамед Селини, подоцна се коригира.

„Не реков Италија. Тоа е грабнато од морето“, рече министерот, додавајќи „Целата Европска Унија живее во состојба на хистерија“.

Низ целиот свет има навалица и по лекови и тестови за коронавирусот. Откако американскиот претседател изјави, без научни докази, дека лекот за маларија е ефикасен и во лекувањето на ковид-19, Индија веднаш забрани извоз на хидроксихлорокинот.

Израелската разузнавачка служба Мосад покрена неколку тајни меѓународни операции за да се дограби до стотици илјади комплети за тестирање.

Според израелските медиуми, комплетите биле купени од непријателска држава, која не би сакала тоа да биде обелоденето.

Канадскиот премиер Џастин Трудо во четвртокот им нареди на официјалните лица да ги испитаат тврдењата дека маските се пренасочуваат и рече дека тоа е „загрижувачко“.

„Мора да се осигуриме дека опремата наменета за Канада пристигнува и останува во Канада“, рече Трудо на прес-конференција.

Француските власти сега одлучија за скапоцените пакети да обезбедат полициска придружба до местото на испорака.

„Нашите автомобили го опкружуваат конвојот, при што шефот на операцијата е позади, за да се осигури дека никој не може да влезе. Целта е да се спречи кражба на маските, да не биде поставена заседа или нешто такво“, рече француски службеник за безбедност за Франс 24.

Франција има само четири компании што произведуваат маски, кои сега работат 24 часа на ден и ги чува полицијата. Тие го зголемија производството од 15 милиони месечно на 40 милиони.

Но тоа е далеку од доволно бидејќи здравствените власти велат дека сега на Франција ѝ се потребни 40 милиони маски неделно за борба против пандемијата на коронавирус.

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе