Политико

Висок функционер на ЕУ: Америка најмногу профитира од војната во Украина

Функционерите на ЕУ го напаѓаат Џо Бајден поради високите цени на бензинот, продажбата на оружје и трговијата додека војната на Владимир Путин се заканува да го уништи единството на Западот, пишува Политико.

Фото: ЕПА

„Факт е дека САД се земјата што најмногу профитира од војната во Украина, тие продаваат повеќе гас по повисока цена, но продаваат и повеќе оружје“, рекол еден висок функционер за Политико. Вакви коментари сѐ почесто може да се слушнат од европски претставници, дипломати и министри, наведува Политико. Гневот и поделбите предизвикани од американската зелена транзиција растат, а најголемиот профитер во ситуацијата на поделениот Запад секако е рускиот претседател Владимир Путин.

„Ова е историски пресврт“, рече претставникот на Европската Унија. Тој додава дека нарушувањето на трговијата поради американските зелени субвенции и високите цени на енергијата може да го промени јавното мислење за војната во Украина, како и за трансатлантскиот сојуз.

„Америка мора да разбере дека јавното мислење во многу земји на ЕУ се менува“, додаде тој. Загрижен е и главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, кој ги повика САД да одговорат на загриженоста на нивните европски сојузници.

„Американци, пријатели, донесувајте одлуки што позитивно ќе влијаат на нашите економии“, рече Борел. Во целата оваа ситуација, најпроблематични за Европа се зелените субвенции и даноци на Бајден, кои според Брисел негативно влијаат на трговијата и индустријата во ЕУ. Европа веќе испрати формални приговори до САД, но се чини дека на Вашингтон не му е гајле.

Во исто време, Путиновата војна во Украина ја турка Европа сè подлабоко во рецесија. Инфлацијата е неконтролирана, а енергетската криза сѐ повеќе ги загрозува домаќинствата и индустријата. Поради војната во Украина, европските земји сега купуваат гас од САД, но за него плаќаат четири пати повеќе од истите трошоци за гас во Америка. Војната во Украина ги испразни и европските резерви на оружје, па САД профитираат и во тој сектор.

Дали на Европа ѝ е преку глава?

На европските претставници се чини дека им се прелеа чашата. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека високите цени на гасот во САД воопшто не се „пријателски“, а германскиот министер за економија го повика Вашингтон да покаже „повеќе солидарност“. Министрите и дипломатите од цела ЕУ го изразија своето незадоволство, а администрацијата на Бајден продолжува да го игнорира влијанието на нејзините одлуки врз економиите на европските сојузници.

Кога претставниците на ЕУ го предупредија Бајден за овие проблеми на состанокот на Г-20, се чинеше дека тој нема поим за тоа, вели Политико. Официјалните лица се согласија дека американското неразбирање на европските проблеми е многу проблематично. „Европејците се крајно фрустрирани од недостигот од информации и консултации“, вели Дејвид Клајман од институтот „Бројгел“.

Официјални лица од двете страни на Атлантикот се согласуваат дека овој потенцијален распад на односите може да има далекосежни последици. Токму тоа го сака Путин. Расправијата околу Бајденовиот Закон за намалување на инфлацијата (ИРА) - огромен пакет субвенции за даноци, клима и здравствена заштита - ги разгоре стравувањата од трансатлантска трговска војна.

Министрите за трговија на ЕУ ќе разговараат за ова прашање во петок, додека други европски претставници подготвуваат итни субвенции што треба да ја спасат европската економија од целосен колапс.

Разликата во цената наводно оди кај европските препродавачи

„Законот за намалување на инфлацијата е многу загрижувачки“, изјави холандскиот министер за трговија Лиесје Шрајнемахер. „Тоа може да има погубен ефект врз европската економија“, додаде тој. „За жал, САД спроведуваат протекционистичка домашна агенда што е дискриминаторска кон нивните сојузници“, рече хрватскиот европратеник Тонино Пицула, кој е задолжен за трансатлантските односи на ЕУ.

Американскиот функционер нагласи дека цената по која Европа купува гас не е одлука на американската влада, туку на приватни компании. „Американските компании беа транспарентен и сигурен снабдувач на природен гас за Европа“, рече тој. Тој додава дека извозниот капацитет на САД бил загрозен од несреќата што во јули уништи клучна фабрика.

Функционерот нагласи дека разликата во цената главно не оди кај американските извозници на ЛНГ, туку кај компаниите што препродаваат гас во ЕУ. Најголема ваква компанија во Европа е француската компанија Тотал енерџис.

Но се чини дека американските аргументи не се убедливи за Европа. „САД ни продаваат гас по четири пати повисока цена“, рече во средата европскиот комесар за внатрешен пазар Тиери Бретон. „Американците се наши сојузници, но неопходно е сојузниците да разговараат за проблемите што ги имаат“, додаде тој.

Поевтините енергенси во Америка принудија многу компании да почнат нови деловни потфати. Голем дел од нив планираат нови инвестиции во САД, како и целосна преселба на своите капацитети од Европа во Америка. Меѓународната компанија Солвеј неделава најави дека во иднина ќе инвестира на американскиот пазар.

Сојузници или...?

Но она што го налути Брисел не е цената на гасот, туку Законот за намалување на инфлацијата, со кој американската влада ќе ја субвенционира зелената транзиција со 368 милијарди долари. „Законот за намалување на инфлацијата промени сè. Дали Вашингтон навистина ни е сојузник?“, рече еден дипломат од ЕУ.

За Бајден овој закон е историско достигнување. „Ова е игра во која секој ќе добие нешто, планираме да ги зголемиме инвестициите во чиста енергија, а не да ги трошиме“, рече еден американски функционер. Но се чини дека ЕУ на тоа гледа поинаку.

Претставникот на француското Министерство за надворешни работи рече дека предвидувањата се јасни, тој смета дека американските субвенции се дискриминаторски и дека ќе ги уништат конкурентите. Францускиот министер за економија Бруно Ле Мер оваа недела ја обвини Америка дека го следи кинескиот пат на економски изолационизам и побара од Брисел да возврати со истите мерки. „Европа не смее да биде последниот Мохиканец“, заклучи тој.

ЕУ веќе го подготвува својот одговор во форма на големи субвенции за да ѝ помогне на европската индустрија да се опорави од мерките на САД. „Очекуваме криза на довербата во трговијата со САД“, рече германскиот европратеник Рајнхард Бутикофер. „Дојде време да се залагаме за себе“, изјави француската европратеничка Мари Пјер Ведрен. „Живееме во свет во кој сите се борат за превласт. Ако не сте психички и физички подготвени за борба, дефинитивно ќе ја изгубите“, додаде таа.

Профитира и американската воена индустрија

Во заднината на сето ова е фрустрацијата поради огромната сума пари што оди во одбранбениот сектор на САД. Америка ѝ дала на Украина најмногу донации воена помош, од почетокот на војната ѝ испратила повеќе од 15 милијарди долари оружје и друга воена опрема. Борел вели дека ЕУ досега ѝ дала на Украина околу 8 милијарди евра воена помош.

Еден од функционерите од Брисел тврди дека Европа ги испразнила резервите на оружје поради војната и додава дека ќе бидат потребни многу години за повторно да се набави софистицирано оружје. Америка би можела значително да профитира од ова. Пентагон веќе се подготвува да го зголеми производството на оружје за да ги задоволи растечките потреби на сојузниците.

Друг европски дипломат вели дека „парите што ги заработува од продажбата на оружје може да ја доведат Америка до заклучок дека можеби гасот сепак го продава по превисока цена“. Тој додаде дека пониските цени на гасот може да ѝ помогнат на Европа да го одржи позитивниот став кон Америка.

„Не е добро за другите земји да се добие впечаток дека нашиот најголем сојузник профитира од нашата мака“, заклучи тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе

Деновиве адвокатот Тортевски во дебатна емисија рече дека немаме критична маса за држава. Не знам дали е така, но изгледа немаме критична маса за сериозни дебати и дијалози во општеството. 

повеќе

Светска банка проценува дека за секој долар инвестиран во здравството, државата има бенефит од 4 долари во смисла на зголемена економска продуктивност.

повеќе