Територијата е најтешкото прашање во руско-украинските преговори

Русија и Украина преговараат за мировен договор додека нивните војници меѓусебно се убиваат по руската инвазија на 24 февруари, но прашањето за територијата може да ја уништи секоја шанса за договор за крај на војната, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

Турција, која се обидува да посредува, рече дека двете страни се приближуваат до договор за клучните прашања. Велика Британија предупреди дека претседателот Владимир Путин можеби ги користи мировните преговори како димна завеса за прегрупирање на руските сили.

Путин вели дека „специјалната воена операција“ во Украина е неопходна бидејќи САД ја искористиле Украина за да ѝ се закануваат на Русија, а Русија морала да се брани од „геноцид“ против русофонското население во земјата.

Украина вели дека се бори за својот опстанок и против заземањето територии во руски империјален стил и дека тврдењата на Путин за геноцид се бесмислени.

Западот воведе сеопфатни санкции кон Русија, за кои Кремљ вели дека претставуваат објава на економска војна од страна на САД и нивните сојузници.

Кина повика на смиреност.

Кои се главните проблеми?

1) Територијата е најтешкиот дел од преговорите.

Русија го анектира Крим во 2014 година, а на 21 февруари призна две проруски бунтовнички области во источна Украина како независни држави.

Од почетокот на инвазијата, руските сили ја презедоа контролата врз територијата низ јужното крило на Украина северно од Крим, територијата околу бунтовничките региони и територијата источно и западно од Киев.

Ројтерс наведува дека Русија има контрола над уште најмалку 170.000 квадратни километри територија.

Украина порача дека никогаш нема да ја признае руската контрола врз Крим, независноста на проруските бунтовнички области или огромната дополнителна територија окупирана од Русија.

„Нашите позиции се непроменети“, изјави украинскиот преговарач Михаило Подољак. Тој рече дека Украина инсистира на прекин на огнот, повлекување на руските војници и силни безбедносни гаранции.

Украинските власти велат дека нема да прифатат анексија на нејзина територија ниту ќе ги признаат бунтовничките области Луганск и Доњецк, поддржани од Русија.

Признавањето на она што практично претставува руски суверенитет над една третина од нејзината територија би било тешко за секој украински лидер, пишува Ројтерс.

„За Москва би било од суштинско значење Украина да ја признае руската контрола врз Крим, бунтовничките области и веројатно дел од земјата северно од Крим, со што добива копнен мост до полуостровот и контрола врз снабдувањето со вода за пиење на Крим“, објави Ројтерс.

Се додава дека територијата долж јужното крило на Украина е од посебен интерес за Русија бидејќи таа земја во 1783 година ѝ ја додала руската царица Катерина Велика по поразот на Отоманската империја.

2) Неутралност: Русија вели дека сака Украина да биде неутрална земја. Главниот руски преговарач, Владимир Медински, вели дека Украина навестила дека може да биде неутрална како Австрија или Шведска, но со своја армија. Киев ја оспори таа карактеризација.

Нејасно е како би можела да изгледа таа неутралност и затоа „кваката“ ќе биде во деталите, пишува британската агенција и потсетува дека Парламентот на Украина во Декларацијата за државен суверенитет од 1990 година ја прогласил својата намера да биде трајно неутрална држава.

Медински рече дека разговарале за тоа колку голема би можела да биде украинската војска.

Во февруари Путин рече дека сака писмени гаранции дека Украина никогаш нема да му се приклучи на НАТО. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина нема во блиска иднина да стане членка на воената алијанса бидејќи тоа нема да биде прифатено од членките на Алијансата.

Русија, исто така, постојано изразува загриженост дека Украина развива нуклеарно оружје. Во Меморандумот од Будимпешта од 1994 година, САД, Русија и Обединетото Кралство ѝ дадоа на Украина безбедносни гаранции во замена Киев да се придржува до Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

3) Руските права: статусот на рускиот јазик и на луѓето што зборуваат руски во Украина е многу важно прашање за Москва. Со законот усвоен од Украина во 2019 година, украинскиот јазик доби посебен статус и стана задолжителен за работниците во јавниот сектор.

Законот ги обврзува сите граѓани да го знаат украинскиот јазик и го прави задолжителен услов за државните службеници, војниците, лекарите и наставниците.

4) „Денацификација“: Путин вели дека Украина им дозволила на „неонацистички“ групи да извршат „геноцид“ врз русофонските заедници во Украина.

Москва го обвини баталјонот Азов, кој е дел од Украинската национална гарда, дека е нацистичка организација што ги тероризира руските цивили и врши воени злосторства.

Основачите на баталјонот, кој беше формиран во 2014 година од доброволци што се бореа против проруските бунтовници, изразуваат екстремно десничарски расистички и антисемитски ставови.

Помошниците на украинскиот претседател постојано ја споменуваа улогата на Азов во одбраната на пристанишниот град Мариупол, каде што му е седиштето.

Украина ги отфрла обвинувањата за геноцид врз русофонското население. Зеленски вели дека Русија се однесува како нацистите со тоа што ги уништува украинските градови.

Кој преговара и како?

Преговорите за ставање крај на конфликтот почнаа на 28 февруари, четири дена откако Путин ѝ нареди на армијата да ја нападне Украина. Некои разговори се одржаа лично на границата со Белорусија или во Белорусија, а други преку видеоконференција.

Рускиот преговарачки тим е предводен од советник на рускиот претседател, Медински, Русин роден во советска Украина, но кој модерна Украина ја прикажува како „историски фантом“, бидејќи „таканаречената историја на Украина не е едноставно нераскинливо поврзана со илјадагодишната историја на Киевска Русија / Русија / СССР, туку тоа е самата руска историја“.

Тој минатата недела рече дека е постигнат одреден напредок.

Турција се обидува да ги приближи двете страни, како и Израел.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу за турскиот весник Хуриет изјави дека Русија и Украина се приближуваат до договор за „клучните“ прашања и дека се надева на прекин на огнот доколку двете страни не се откажат од досега постигнатиот напредок.

Зеленски во саботата повика на сеопфатни мировни преговори со Москва.

Русија соопшти дека нема да има средба меѓу Путин и Зеленски додека не се постигне договор.

Преговарачкиот тим на Украина го сочинуваат министерот за одбрана Олексеј Резников и советникот на претседателот Подољак.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе