Светска вонредна состојба

Стравот од коронавирусот како цунами: стрес, гласини и насилство

Стравот од новиот коронавирус се шири низ светот како цунами, не само околу кинескиот град Вухан, центарот на епидемијата што е прогласена за глобална вонредна состојба.

Стравот од новиот коронавирус се шири побрзо и од самиот вирус.

Го шират и најискрените функционери што се обидуваат да ја смират сè поголемата паника. Го шири вашиот сопружник. Го шири некој сезнајко, кој се плаши од вирусот, но не и од многуте други начини на кои луѓето умираат: пушење, сообраќајна несреќа, грипот. Се чини дека сето ова е попусто.

Додека расте бројот на заразените - повеќе од 76.000, стравот се шири како цунами. И не само во областите околу кинескиот град Вухан, местото со огромното мнозинство заразени со коронавирус.

Вагоните во метрото во Токио и во Сеул повеќе личат на болнички одделенија, со армии патници со маски што гневно го гледаат секој што и најмалку ќе се закашла или ќе кивне. Сопственикот на еден јужнокорејски ресторан вели дека посетеноста му е намалена за 90 проценти.

Во некои делови на Азија поголеми ви се шансите да добиете на лото отколку да си купите заштитна маска. Конференциите и другите собири се одложени или откажани од Пекинг преку Барселона до Бостон. Кавги во Јапонија; немири во Украина.

Гласините дека тоалетната хартија и салфетките може да се користат како маски ги испразнија полиците на источноазиските продавници.

„Стравот е многу силна емоција, а сега, поради новиот коронавирус, ги принудува луѓето да се однесуваат ирационално, без да размислуваат“, рече Берни Хуанг (31), наставник во средно училиште во Тајпеј на Тајван, кој не учествува во навалицата на купување тоалетна хартија.

Гледано пошироко, пандемиите секогаш се придружени со паника, барем низ целата позната историја: и за време на чумата што ја опустошила Атина во петтиот век пред нашата ера, и кога „црната смрт“ збришала третина од популацијата на Европа во 14 век. Исто беше и во поново време кога се појавија СИДА, ебола, САРС, МЕРС, „свинскиот“ и „птичјиот грип“.

Научниците, статистичарите и луѓето што се далеку од „првата линија на фронтот“ може да се потсмеваат, но стравот, кој се шири усно и, дури и побрзо, преку интернет-објавите, е реален.

„Стравот може да направи повеќе штета отколку вирусот“, рече премиерот на Сингапур, Ли Сјенлунг, за паничното купување тоалетна хартија, конзервирана храна и инстант тестенини кога неговата влада го крена нивото на предупредување за ризик од новиот вирус.

Ова можеби најмногу се чувствува таму каде што се собираат најмногу луѓе: во црквите, трговските центри, училиштата.

На Филипините, во многу цркви скоро половина од клупите се празни за време на неодамнешните неделни миси.

Во протестантската црква во Сеул свештениците комплетно се префрлија на молитви преку интернет, откако беше откриено дека еден човек заболен од некој вирус бил на богослужба неколку дена пред да биде утврдено дека е болен.

Огромната стоковна куќа Лоте во Сеул беше затворена неколку дена заради дезинфекција, откако беше откриено дека таму бил кинески турист со вирусот.

Стоковната куќа, наводно, изгубила 20 милијарди вони (16,9 милиони американски долари) приход, според финансиските аналитичари.

Саемот за мобилна технологија во Барселона е откажан. Производителот на плејстејшнот, Сони, се повлече од конференцијата за компјутерски игри во Бостон поради „растечката загриженост“ за вирусот.

Организаторите соопштија дека конференцијата ќе се одржи следната недела, но дури по „засилено чистење“ на местото каде што ќе се одржи.

Има огромен пад на продажбата во Намдаемун - најголемиот пазар во Сеул - откако се откри дека заразено лице било таму минатиот месец.

„Трговците велат дека бизнисот им умира“, рече Чан Јонгбум, шеф на Здружението на илјада трговци во Намдаемун.

Министерството за образование на Јужна Кореја неодамна ги советуваше универзитетите да го одложат семестарот за почетокот на март, поради загриженост дали илјадници кинески студенти ќе се вратат од странство.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џae-ин изрази загриженост дека „претераниот страв“ ќе ѝ наштети на економијата на неговата земја со падот и на трошењето и на слободните активности.

Стравот го погоди и собирот што во Азија се очекува со најискрено нетрпение - претстојните Летни олимписки игри во Токио.

Иако загриженоста донекаде попушти, извршниот директор на Олимписките игри во Токио, Тоширо Муто, неодамна изјави дека е „сериозно загрижен“ дека вирусот може да ги попречи и Олимписките и Параолимписките игри.

„Забележувам дека стравот се шири побрзо од вирусот и важно е да го угасиме тој страв“, рече Крег Спенс, портпарол на Меѓународниот параолимписки комитет.

Во Јапонија стравот и вирусот највидливо се споија на огромниот крстосувачки брод во пристаништето Јокохама, каде што илјадници патници и екипаж, меѓу кои и тројца Македонци, во карантин беа две недели, откако стотина луѓе на бродот беа позитивно тестирани со вирусот.

Еден патник во карантин закачи натпис: „Нема информации... Во стрес... Многу лоши гласини“.

Интернетот поттикнува многу од овие гласини.

Во Малезија гласините на социјалните медиуми дека мандарините го пренесуваат вирусот предизвикаа паника сè додека здравствените службеници не го негираа тоа.

Кога „пукна веста“ дека новинарот што известува за јапонскиот лидер бил во контакт со еден заразен возач и сам себеси се изолирал, како во карантин, веб-изданието на таблоидниот магазин „Викли пост“ објави: „Коронавирусот го погоди кабинетот на премиерот“.

Стравот, а можеби и смислата за црн хумор, можат да помогнат во објаснувањето на чудното однесување: фотографии од луѓе што користат кори од портокали како маски; деца во колички замотани во затворени пластични кеси од хемиско чистење.

На Тајван луѓето почнаа да трупаат тоалетна хартија и салфетки откако се појавија гласини на интернет дека може да се користат како маски за да се спречи инфекција со вирусот, рече Јанг Бокен, заменик-директор на владиното Биро за индустриски развој.

Тајванското Биро за криминалистичка истрага препорача кривично гонење на три жени поради наводи дека преку популарна услуга на социјалните медиуми сугерирале употреба на трпезни салфети, санитарни влошки и тоалетна хартија како замена за маски, изјави портпаролот на Бирото.

Стравот доведе и до беззаконие.

Во градот Коби, Јапонија, пријавена е кражба на 6.000 хируршки маски од болница.

Неколку стотици жители што се плашеа од зараза во Украина со часови се судираа со полицијата блокирајќи го патот кон зградата каде што беа евакуирани повеќе од 70 лица од Кина поради карантин од вирусот.

Двајца патници во метрото во јапонска Фукуока се скараа зашто еден човек без маска се закашлал, а патникот до него го активирал алармот за итни случаи, објави новинската агенција Кјодо.

„Стравот се шири меѓу патниците. Планираме да воведеме правила за кашлање, а едно од нив е носење маски“, изјави претставник на градскиот превоз.

Во Хонг Конг, додека луѓето стоеле во редица за продукти пред една продавница, три лица со ножеви наводно го ограбиле доставувачот на стока - му украле „скапоцени“ ролни тоалетна хартија, во вредност од над 1.000 хонгконшки долари (128 американски).

Државните власти не успеваат секогаш да се справат со ваквите состојби.

На осум државјани на Самоа, остров во Тихи Океан, им беше забрането да влезат на аеродромот и беа вратени на островот Фиџи затоа што во транзит поминале низ Сингапур, кој владата на Самоа го смета за земја со висок ризик, објави островскиот весник.

А кога еден канадски тинејџер се онесвестил во зграда во Куала Лумпур, Малезија, медицинскиот тим пристигнал од глава до петици во заштитни одела - скафандери. Министерството за здравство подоцна соопшти дека станува збор за мерка на претпазливост и дека момчето - не е заразено со вирусот.

 

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе

Кога може оние кои пукаа по нас, оние кои ги убија Аце, Коки и Оливер да бидат на слобода, зошто не би бил помилуван и ти?

повеќе

Го регистрираме името Јунајтед Маседонианс и тогаја сетне почнаме да прајме отворени Илинденцки пикници – македонцки илинденцки, не со Богарите. Сами ние Македонци и народо трна.

повеќе