Ал џезира

Што ако Путин употреби нуклеарно оружје во Украина?

Експертите не се сигурни дека рускиот лидер би користел нуклеарни бомби, но постојат неколку можни сценарија што би можеле да се случат доколку го стори тоа.

Фото: ЕПА

Индискретната закана на Владимир Путин дека ќе употреби нуклеарно оружје во Украина доколку биде загрозен „територијалниот интегритет“ на Русија, предизвика длабоки дебати на Запад како да се одговори на тоа, пишува Ал џезира.

Во телевизиското обраќање во средата, рускиот лидер рече дека не блефира кога зборува за користење нуклеарно оружје доколку се загрозени руските територии, откако најави делумна мобилизација на околу 300.000 резервни сили за борба во Украина.

„Оние што се обидуваат да нѐ уценат со нуклеарно оружје треба да знаат дека ветрот може да се сврти во нивна насока. Ова не е блеф“, рече Путин.

Аналитичарите не се убедени дека Путин е подготвен да користи нуклеарно оружје, што би било првпат откако САД фрлија две атомски бомби врз Јапонија во 1945 година.

АФП разговараше со неколку експерти и официјални лица за можните сценарија доколку Русија изврши нуклеарен напад.

Како би изгледал рускиот нуклеарен напад?

Аналитичарите велат дека Москва најверојатно би употребила една или повеќе тактички нуклеарни бомби.

Станува збор за помало оружје, чија моќност варира од 0,3 до 100 килотони, во споредба со 1,2 мегатони во случајот со најголемата американска стратегиска боева глава или 58 мегатони во случајот со руската бомба тестирана во 1961 година.

Тактичките бомби се дизајнирани да имаат ограничено влијание на бојното поле, во споредба со стратегиските нуклеарни оружја што се дизајнирани за апсолутна победа во војна.

Сепак, „помало“ и „ограничено“ оружје се релативни поими - атомската бомба фрлена од САД на Хирошима во 1945 година имаше само 15 килотони.

Што би можела да гаѓа Москва?

Аналитичарите наведуваат дека целта на Русија во употребата на тактичко нуклеарно оружје во Украина би била да ги заплаши Украинците и да ги натера да се предадат или да преговараат и да ги подели западните земји.

Марк Канчијан, воен експерт во Центарот за стратегиски и меѓународни студии (ЦСИС) во Вашингтон, вели дека Русија веројатно нема да користи нуклеарно оружје на фронтот.

За заземање 32 километри територија може да биде потребна употреба на неколку нуклеарни бомби – што е голем ризик за мали придобивки.

„Употребата на само една бомба нема да биде доволна“, рече Канчијан.

Наместо тоа, Москва би можела да испрати силна порака и да избегне поголем број жртви со детонирање нуклеарна бомба над вода или високо над Украина за да создаде електромагнетен пулс за уништување на електронската опрема.

Путин би можел да бара напад врз украинска воена база или врз урбан центар, што би резултирало со огромен број жртви и убиство на политичкото раководство во земјата.

Ваквите сценарија „веројатно ќе го поделат НАТО и глобалниот консензус против Путин“, напиша Џон Волфстал, поранешен експерт за нуклеарна политика во Белата куќа.

Како ќе одговори Западот?

Западот останува неодреден за тоа како треба да одговори на тактичките нуклеарни напади, а изборите се комплицирани.

САД и НАТО не сакаат да изгледаат слабо во случај на имплицитна нуклеарна закана. Но, тие исто така би сакале да ја избегнат можноста војната во Украина, која не е членка на НАТО, да ескалира во многу поширока, разорна глобална нуклеарна војна.

Експертите велат дека Западот нема да има друг избор освен да одговори на рускиот нуклеарен напад и тој одговор треба да дојде од НАТО како група, а не само од САД.

САД поставија приближно 100 парчиња тактичко нуклеарно оружје во земјите на НАТО и би можеле да одговорат против руските сили.

Според Метју Кроениг од Атлантскиот совет, заканата со одговор може да покаже решителност и да ја потсети Москва на опасностите од нејзините акции.

Сепак, додава тој, „тоа може да предизвика уште еден руски нуклеарен напад, а со тоа да го зголеми ризикот од поширока нуклеарна размена и хуманитарна катастрофа“.

Друг ризик е дека некои членки на НАТО би можеле да бидат против нуклеарен одговор, со што ќе ѝ послужат на целта на Путин да ја ослабне алијансата.

Дали на Украина треба да ѝ се даде помоќно оружје?

Експертите велат дека одговорот на нуклеарен напад на конвенционален воен или дипломатски начин и снабдувањето на Украина со повеќе смртоносно оружје, може да биде ефективно.

„Рускиот нуклеарен напад би можел да ги убеди земјите што досега се двоумеле, како што е Индија, а можеби дури и Кина, да воведат санкции против Русија“, вели Кроинг.

Освен тоа, САД треба да ѝ дадат на Украина борбени авиони на НАТО, системите Патриот и ТХААД и ракети со долг дострел АТАКМС, со кои Украина би можела да нападне длабоко на руската територија.

„Какви и да имаме ограничувања за украинските сили – а мислам дека ги имаме – мислам дека сите тие треба да бидат укинати“, вели Канчијан.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе