Што ако претседателски кандидат во САД умре или се повлече од трката

Ниеден кандидат на американските претседателски избори досега не умрел или морал да се повлече од трката волку блиску до изборите, но хоспитализацијата на претседателот Доналд Трамп поради коронавирусот само еден месец пред изборите на 3 ноември отвори прашања што би се случило ако дојде до тоа.

EPA-EFE

Трамп има 74 години, а неговиот противник кој наводно е со релативно добро здравје Џо Бајден има 77 години и е најстариот демократски кандидат во историјата.

Што ако претседателски кандидат ја напушти изборната трка? Се одложуваат ли изборите?

Тоа не е веројатно. Датумот на изборите е законска категорија и тие секогаш се во вторникот по првиот понеделник во ноември. Двата дома на Конгресот, и претставничкиот дом во кој мнозинството го имаат демократите и Сенатот кој го контролираат републиканците, би морале да се согласат на одложување.

Дури и за време на Американската граѓанска војна изборите во 1864 биле одржани според планираното и Абрахам Линколн го освоил вториот мандат.

Може ли да се смени кандидат?

И Републиканската и Демократската партија имаат правила за тоа како да се замени претседателскиот кандидат ако тоа е потребно.

Во случајот на Републиканската партија, 168 членови на Националниот одбор на партијата би можеле да гласаат за избор на заменик на Трамп.

Одборот би можел и повторно да свика национална конвенција со над 2.500 делегати за да изберат нов кандидат, но поради краткиот временски рок тоа е веројатно неизводливо. Во двете сценарија би било потребно обично мнозинство.

Кај демократите, новиот кандидат би го избрале речиси 450 членови на Националниот одбор на партијата.

Може ли заменскиот кандидат да биде на ливчето?

Веројатно не.

Проблемот е во тоа што ливчињата се веќе испечатени и повеќе од три милиони Американци веќе гласале по дописен пат.

Што е со електорскиот колегиум?

Иако се изборите општи, за избор на претседател е потребно апсолутно мнозинство од 538 членови на електорскиот колегиум.

Во секоја американска сојузна држава освен две, Небраска и мејн, кандидатот кој ќе го добие мнозинството гласови од гласачите ги добива сите нејзини електорски гласови.

Ништо во уставот не ги обврзува електорите да гласаат за еден или друг кандидат, но Врховниот суд пресуди во јули дека државите би можеле да ги казнат „непослушните електори“ кои нема да гласаат според волјата на мнозинството гласачи.

Членовите на електорскиот колегиум ќе се соберат во своите држави на 14 декември и ќе гласаат за претседател и потпретседател.

Во случај кандидатот да умре или да се повлече пред електорите да гласаат, нештата би можеле да се искомплицираат.

Тогаш се применуваат законите на одделните сојузни држави, но секоја партија би можела теоретски да испрати свои електори да гласаат за заменскиот кандидат.

Конгресот на 6 јануари следната година ќе ги потврди резултатите на изборите, а победникот ќе даде заклетва како претседател на 20 јануари.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе

Турската влада има нови барања од социјалните медиуми и дигиталните платформи како што се Фејсбук (Facebook), Ватсап (Whatsapp), Инстаграм (Instagram) и Твитер (Twitter). 

повеќе

Баталете ги овие глупости со Бугарија, а Османи нека си фати патот до Брисел да земе обрасци за членство во ЕЕО и нека ги пополнат брзо.

повеќе